Предвидливост во даночната политика – задржување на данокот на добивка од 10% во следниот четиригодишен период, даночни бенефиции за извозниците преку нов закон за ДДВ, повластени стапки од 5% земјоделски производители и занаетчиите и подигнување на прагот за ДДВ обврзник на 3 милиони денари од 2022 година. Ова го најави министерот за финансии Бесими од аспект на даночната политика во својот четорогодишен мандат како прв финансиер, со цел поддршка на стопанството. Исто така, Бесими најави и намалување на парафискалните давачки до 75%.
-Да гарантираме предвидливост во даночната политика, при што данокот на добивка да остане на ниво од 10 % во целиот период до 2024 година. Да го реконфигурираме данокот на додадена вредност преку серија на мерки, започнувајќи со нов Закон за ДДВ кој ќе овозможи даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани, единствена стапка од 10 % ДДВ за сите ресторански услуги на што веќе интензивно работиме, ревидирање на стапките на ДДВ за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании, намалување од 18% на 5 % на данокот за занаетчиски услуги. Планирано е и подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 на 3 милиони денари годишен промет, почнувајќи од 1.1.2022 година и изедначување со прагот на ослободување на данок на добивка до 3 милиони денари годишен промет – рече Бесими.
Министерот за финансии најави и дека ќе се започне процесот на намалување на парафискалните давачки до 75 % од сегашното ниво и нивно нивелирање во согласност со големината на стопанските субјекти, преку дијалог со стопанските комори.
Бесими најави и директна поддршка од Владата за домашните и странските компании.
-Да обезбедиме директна поддршка на домашните и странските инвестиции во износ од 300 милиони евра од домашните буџети и директна алокација на очекувани 300 милиони евра од европските фондови. Да го зголемиме обемот на финансиска поддршка за домашните компании преку Планот за економски раст за 25 % секоја година, во споредба со претходната. Да формираме посебен еквити фонд како поттик за влез на странски инвестициски фондови – вели Бесими во своето обраќање
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.