Долгогодишното партнерство и поддршката од Соединетите Американски Држави во општествениот и економски развој, како и во евроатланските интеграции се од непроценливо значење за нашата земја во остварувањето на приоритетите, порача министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната средба со помошникот државен секретар  и заменикот помошник секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт Департментот на САД, Филип Рикер и Метју Палмер, и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз што се одржа на маргините на Преспа форум дијалог.

Како што информираат од Министерството за финансии, на средбата, на која се разговараше за соработката меѓу двете земји и за перспективите на нашата економија, Бесими посочи дека 2021-ва ќе биде година на заздравувањето, по што ќе се стремиме кон остварување на приоритетните цели за забрзан раст и спроведување на европската агенда.

Приоритетите кон кои е насочена Владата и Министерството за финансии е постигнување на повисоки стапки на економски раст од 4 до 5 отсто годишно, како и раст на платите за 20 до 30 отсто на среден рок со цел подобрување на стандардот на граѓаните. Кон ова ќе целиме преку спроведување на фискална политика на среден рок, која ќе биде насочена кон инвестиции, заздравување и одржлив раст и фискална консолидација. Во оваа насока веќе е направен значаен исчекор преку подготовка на соодветна легислатива која ќе биде база за спроведување на овие реформи како: новиот Закон за буџети, кој е усвоен од страна на Владата, подолгорочна Фискална стратегија и Стратегија за управување со јавниот долг, Стратегија за даночна реформа, како и амбициозен повеќегодишен инвестициски план, рече Бесими.

Од аспект на зголемување на инвестициите, додаде, во Министерството за финансии во финална фаза е Планот за финансирање на зaздравување и забрзан раст, кој има за цел да ги мултиплицира средствата за инвестиции преку ангажирање на приватен капитал.

На тој начин побрзо ќе може да се постигне планираната развојна агенда, а истовремено ќе може да се спроведе и фискална консолидација, потенцира Бесими.

На средбата од двете страни беше изразена заложба за продолжување на добрата соработка и партнерство, како и поддршка за реализација на приоритетите во градење на подобро општество и посилна економија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.