Приходите на буџетот од почетокот на годината се на ниво како пред почетокот на кризата, се очекува постепено стабилизирање и ревитализација на економијата, а ние ќе продолжиме да ја користиме фискалната политика како катализатор на заздравувањето на нашата економија. Имаме добри сигнали и основа да очекуваме реализација на нашите проекции за раст од 4,1 отсто годинава, а потоа ќе дејствуваме во насока на негово забрзување и одржливост.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција на која сподели со јавноста детали околу издавањето на осмата еврообрзница.

Приходите во буџетот од почетокот на годинава заклучно февруари се на скоро исто ниво како и минатата година, односно пред почетокот на ковид-кризата. Наплатата на даноците изнесува 17,8 милијарди денари и е на исто ниво како лани, додека наплатата на придонесите е 10,4 милијарди денари и е за 1,7 отсто повисоко во однос на лани. Реализацијата на расходите е согласно планираната динамика, исто како и реализацијата на буџетскиот дефицит. Во февруари, конкретно имаме раст на наплата на даноците за 3,5 отсто во однос на лани, кај данокот на добивка имаме подобра наплата за 27,7 отсто во однос на истиот месец лани, а кај ДДВ имаме раст од 9,7 отсто. Кај придонесите имаме 4,3 отсто раст во однос на истиот месец лани – потенцира Бесими.

Тој додаде дека државната статистика неделава ја објави проценката на реалниот БДП во 2020 година и дека со позитивното влијание на извозот во последниот квартал од 2020 година, вкупниот економски резултат за минатата година е -4,5 отсто или многу блиску до проекцијата на Министерството за финансии која беше -4,4 отсто отсто.

Годинава, според министерот, очекувањата се дека економијата ќе се стабилизира и ќе се врати на патот на економски раст и развој, но дека ризици постојат и дека најважно е да има брзи реакции, наведувајќи при тоа дека засега остануваат на утврдените проекции.

Има позитивни индикации и од аспект на приходите на буџетот, и во однос на движење на реалниот економски сектор. Економските политики ќе ги следат сите чекори и ќе реагираме навремено. Ризиците постојат. Ние следиме будно и ќе реагираме брзо и на секој потенцијален ризик што може да го предизвика ковид-кризата, рече министерот, кој додаде дека се обезбедени средства за вакцини и дека во вториот квартал, како што е најавено ќе има поголема имунизација, а проекциите да останат на тоа да имаме економски раст.

За потреба од ребаланс на Буџетот, повтори дека со оглед на состојбата и со тоа што се соочуваме со последици од кризата, оваа година ќе има потреба од ребаланс.

Ги правиме сите анализи и ќе информираме кога ќе се покаже потреба за тоа, рече Бесими и увери при тоа дека во ниту еден момент исполнувањето на обврските и реализацијата на буџетот нема да биде доведена во прашање. Има доволна ликвидност, потенцира, и засега оди се според планот, а ризиците што произлегуваат од ковид ќе ги согледаме и каде ќе има потреба од интервенција ќе го направиме тоа.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека минатата година средствата за помош за последиците од ковид се реализирани онака како што биле најавени и оти не се сите средства директна фискална импликација, а дел се реализираат и во 2021 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.