Финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери.
Ова, како што рече министерот за финансии Фатмир Бесими, се амандманите кои се имплементирани во ребалансот кој е за разгледување и одобрување во Собранието од денеска.
-Стотици илјади граѓани и илјадници фирми очекуваат од Собранието да го донесе овој Ребаланс, за да можат да ги ползуваат мерките од Четвртиот пакет, кои ќе им ги олеснат ефектите од кризата и ќе им помогнат со соочување на овој втор бран кој се случува, рече министерот образложувајќи го предлогот пред пратениците.
Потенцира дека ефектуирањето на Четвртиот пакет антикризни мерки зависи од усвојување на овој ребаланс и дека со него се обезбедуваат средства за реализација на мерките како: финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати во октомври, ноември и декември 2020 година, финансиска поддршка за ранливите категории погодени од COVID-19 за плаќање домашни производи и услуги кај погодениите сектори, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, поддршка на дејноста Туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, враќање на туристичка такса за 2019 година. Поврат на средствата од Викенд без ДДВ, при што за граѓаните кои се регистрирани на апликацијата МојДДВ ќе се врши поврат на целиот износ на ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30.000 денари, државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби, рече министерот, образложувајќи го предлогот пред пратениците.
Мерките, како што потенцира, се одговор на продолжувањето на здравствено-економската криза со цел поддршка на домаќинствата и нивната потрошувачка, помош за фирмите со цел одржување на работните места и подобрување на нивната ликвидност, но и нивна поддршка за инвестициите и извоз.
Мерките. според него, ќе придонесат кон ублажување на падот кај приватната потрошувачка и инвестициите, а со тоа и врз севкупната економска активност, која ќе забележи пад и во третиот и четвртиот квартал, а враќањето на патеката на економски раст се очекува да биде побавно во односна претходните проекции.
Со ребалансот се ревидирани проекциите за економската активности за годинава се очекува да забележи пад од 4,4 отсто, што се должи на предвидениот пад на приватната потрошувачка од 4 отсто и на бруто-инвестициите од 10,2 отсто на реална основа, во услови на проектиран пад на расположливиот доход на домаќинствата, зголемена неизвесност и влошена доверба на деловните субјекти. Јавната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 2,4% отсто како резултат на зголемените расходи за справување со здравствената криза, а во услови на пад на извозот на стоки и услуги од 17 отсто и на увозот на стоки и услуги од 15,5 отсто на реална основа, нето-извозната побарувачка се очекува да има позитивен придонес врз економската активност. Ревидираната проекција на стапката на инфлација изнесува 1 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.