Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски ги посети Општините Карбинци и Василево и оствари средби со градоначалникот на Општина Карбинци Јордан Насев, градоначалникот на Општина Василево Марјан Јанев и земјоделците производители на вишни и со откупувачите и преработувачи на вишни.

Во моментов, бербата на вишни е во полн ек. И во оваа гранка е важно да има соработка и договор помеѓу земјоделците производителите на вишни и откупувачите. Од таа причина, денеска министерот Трајан Димковски заедно со градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев, ја посетија компанијата “Фруктана”, којашто откупува и преработува вишни, друго овошје и зеленчук. Се разговараше за нивните планови за откуп на вишни и за откупната цена, како и за идните инвестиции во компанијата преку мерките од ИПАРД2 програмата. Преработувачката индустрија има клучна улога во обезбедувањето на пласман на земјоделските производи, вклучително и на вишните.

Исто така, минисерот Трајан Димковски заедно со градоначалникот на Општина Василево Марјан Јанев, остварија средба со дел од откупувачите и преработувачи на вишни и со претставници на Здружението на производители на вишни од Василево. Ги слушнааа и предлозите на земјоделците производители на вишни за начинот на годинешниот откуп на вишни и за откупната цена.


Со цел да има непречен откуп на вишни, МЗШВ како ресорно министерство ќе организира и заедничка средба со земјоделците и откупувачите.  На средбата, министерот ги информираше земјоделците и за новиот Правилник за флексибилност за растително производство, кој што овзможува продажба на прерaботки од земјоделски производи од куќен праг како и за сите мерки кои ги превзема МЗШВ за справување со последиците од КОВИД – 19 врз земјоделството, како што е зголемувањето на процентот на покривање на трошоците за набавка на зелена нафта од 30% на 50%. Исто така, министерот Димковски ги информираше земјоделците за обезбедената поддршка од 10.000 евра за старт ап семејни бизниси како и за други мерки од доменот на работење на МЗШВ.

Заедничкиот заклучок од денешните средби е дека земјоделците и откупувачите, мора да градат партнерски однос, што е важно за стабилен пласман на земјоделските производи.

МЗШВ и во следниот период ќе креира мерки за поддршка на примарното производство и на преработувачката индустрија, како две клучни алки за одржливо земјоделско производство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.