Доколку некој во Секторот за туризам во Министерството за економија направил намерна грешка, секако дека ќе биде побарана одговорност и ќе се преземат мерки. Но, треба да се има предвид дека овој сектор и вработените таму успеаја за многу кус рок од само 7 до 10 дена да ја подготват и Платформата, но и ваучерите за домашен туризам за над 117 илјади граѓани, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на прашањето дали некој во Министерството за економија ќе понесе одговорност за двете погрешни фотографии на платформата, каде на насловната страна беше ставено германско, а на самиот ваучер имаше слика од француско езеро.
„За сликата на Платформата Дома си е дома, сакам да ми честитам на Секторот за тиризам во рамките на министерството за економија, кои само за 10 дена презедоа обврска да создадат платформа каде граѓаните на едноставен и транспарентен начин ќе ги добијат вачерите“, рече Бектеши на денешната пресконференција.
За сликата веќе се извинивме, нагласи министерот, но додаде дека симболиката била да дадат пример и порака дека иако немаме море во земјава, сепак, како што стои на сликата, имаме езера и планини.
„Работиме на дополнителни слики од нашите туристички дестинации и ќе имаме прилика да ги смениме сликите“, рече Бектеши.
Целта на платформата, како што нагласи, не е промовирање на нашите дестинации, туку воопшто на природни убавини.
На инсистирање на новинарите дали ќе се бара одговорност за сликата, министерот повтори дека Платформата дома си е дома не е кампања, туку произлегува од Уредбата за ваучерите, каде сите корисници можат да имаат увид на транспарентен начин дали ги добиле, како и хотелите кои треба да ги понудат услугите.
„Платформата е направена за 10 дена, навремено, за да им се излезе во пресрет на 117 илјади граѓани, а ако нешто е испуштено, секако дека ќе се преземат соодветните мерки. Согласно описот на работните задачи на сите вработенби во Секторот за туризам и угостителство во МЕ, ако намерно е направена грешка, секако дека ќе има мерки“, рече Бектеши.
А што доколку грешката е направена од незнаење, беа упорни новинарите. На ова Бектеши одговори дека ги познава луѓето од тој сектор, и уверува дека тие знаат добро да работат.
„Ги знам луѓето што раководат со тој сектор, не се согласувам дека не знаат да работат, токму тој сектор ги направи сите успеси во делот на туризмот, зголемен е бројот и на странски и домашни туристи. Ако е направена намерна грешка, секако ќе има одговорност, но за 7 дена да се креира платформа и да се издадат 117 илјади ваучери, тоа е успех. Секторот има знаење и работи професионално, но грешки се можни“, рече Бектеши.
Тој повика да ја гледаме и позитивната страна.
Односно, овој сектор сега одговара на над 30. 000 мејлови кои се добиени од граѓаните, од кои сите не се поплаки за ваучерите, туку и бројни прашања.
Сите што исполнуваат услови, а сега не се во листата на добитници, секако дека ќе ги добијат ваучерите, порача Бектеши. Откако дека исполнуваат услови ќе се утврди од УЈП, дополнително ќе се внесат во листата на добитници и секако нив ќе им следи ваучер.
„За ваучерите има над 30 илјади мејлови, но тие не се само поплаки, од 117 илјади ваучери кои МЕ ги испрати до граѓаните, половина немаат доставен имејл адреси до УЈП, иако од нивниот матичен број се гледа дека се добитници. Но, потребен е мејл за да им ги пратиме вачерите“, рече Бектеши.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.