Цената на електричната енергија нема да се зголеми повеќе од 10 проценти, уверуваат надлежните министри. Според нив, понудата што ЕСМ треба да ја даде кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на електрична енергија. Денеска се очекува и АД ЕСМ да ја достави понудата на отворениот повик на ЕВН Хоум.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека согласно сите проекции, од 1 јануари не очекува да се зголеми цената на струјата повеќе од 10 проценти.

Согласно Законот за енергетика, цената на струјата од 1 јануари за првите шест месеци од 2022 година ја потврдува Регулаторната комисија за енергетика, но имајќи предвид дека цената што ќе ја понуди ЕСМ кон универзалниот снабдувач многу влијае врз финалната цена, зголемување над 10 отсто нема да има – изјави Бектеши.

И министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека нема да има значително зголемување на цената на струјата.

Како што беше најавено, ќе има понуда од ЕСМ кон универзалниот снабдувач на електрична енергија, која веројатно, според тие проценки, ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на струјата – изјави вчера Бесими, но не сакаше да калкулира со бројки.

Во насока на стабилизирање на цената на струјата, одлучено е и ЕСМ наместо задолжителните 60 проценти, да покрива 100 проценти од потребите на ЕВН Хоум.

Ние донесовме одлука да испорачуваме 100 проценти енергија во 2022 кон ЕВН Хоум и тоа значи дека оваа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија кои на берзата се со повисоки цени. Така, нашата компанија и натаму ќе остане стабилизатор на цената за домаќинствата и малите потрошувачи – изјави генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски во понеделникот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.