Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека рестриктивните мерки се воведуваат со цел да се сочувало здравјето на граѓаните и да не се вратиме во ситуација на тотален локдаун како претходната година.
На гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“, Бектеши најави дека на состанок на Главниот кризен штаб, ќе биде разгледана и можноста за влез со ПЦР тест, но не постар од 14 дена.
Имаме Кризен штаб каде ќе разговараме за дополнителни мерки доколку се потребни. Согласно бројките што ги имаме последните денови, се разгледуваат повеќе опции како што се воведување на потврда за вакцинација и потврда за антитела, а дополнително ќе се разгледа и можноста да се достави и ПЦР тест, но не постар од 14 дена, а секако да ги прошириме и дејностите вклучувајќи ги тука и шопинг моловите – изјави Бектеши.
Бектеши истакна оти е убеден дека ако се почитуваат протоколите и мерките нема да има потреба од затворање на цели дејности.
Тој најави дека од утре ќе има засилени контроли на Државниот пазарен инспекторат со цел што повеќе да се почитуваат рестриктивните мерки, а за непочитување, истакна дека ќе се постапува согласно законот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.