Министерот за економија, Крешник Бектеши, во гостување во Топ Тема на телевизија Телма, изјави дека се прават сите подготовки за зголемување на домашното производство на електрична енергија за да не се случат ценовни шокови со електричната енергија од почетокот на следната година.

Бектеши тврди дека ситуацијата со електроенергетскиот сектор е стабилна, цената на струјата нема да се промени до крајот на годината, а прогласувањето на енергетска кризна состојба е за да се зголеми ликвидноста на ЕСМ и МЕПСО.

Се зголемува домашното производство на електрична енергија, работиме за да ги ставиме во функција сите домашни капацитети за производство на електрична енергија со цел да нема големо покачување на цената на електричната енергија после 1 јануари за домаќинствата и за малите потрошувачи. Откако ќе се објави одлуката на Владата за прогласување на кризна состојба следната недела веднаш ќе се се префрлат средствата на енергетските компании за набавка на јаглен и за покривање на трошоците – изјави Бектеши.

Министерот појасни дека ќе се префрлат средства од околу 15 милиони евра за долгот кој го има МЕПСО за ненајавено повлекување на електрична енергија од европските мрежи.

Владата ќе префрли 15 милиони евра за да се плати долгот кој го има МЕПСО, а потоа овие средства МЕПСО ќе ги наплати од трговците кои што ја повлекле електричната енергија, а овие средства кои Владата ќе ги префрли се за да не плаќаме дополнителни пенали во моментов и да не плаќаме поскапа струја – изјави министерот.

Бектеши потенцира дека целта на Владата е да не се зголеми цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.

РЕК Битола работи со два блока, РЕК Осломеј ќе се стави целосно во функција наскоро, правиме напори да се обезбеди мазут и да се рестартира ТЕЦ Неготино и двата котли и со набавката на јаглен којашто очекувам дека ќе биде успешна за РЕК Битола и да се приклучи третиот блок ќе имаме дури и поголемо производство од тоа што ни е потребно и ќе можеме и да извезуваме – изјави Бектеши.

Министерот потенцира дека оваа енергетска криза во најголем дел е прелеана од светските пазари, со оглед на тоа што Македонија најголем дел од електричната енергија ја увезува, со оглед на тоа што на светските берзи цената на струјата е енормно поскапена.

Работиме да најдеме најсоодветно решение за да излеземе од оваа енергетска криза со најмала штета – изјави Бектеши и потенцираше дека по стабилизирање на ситуацијата ќе се бара одговорност од оние компании кои не работеле согласно плановите кои што ги доставиле до Владата.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.