Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека за Македонија, изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура.

Зборувајќи на панел дискусијата „Улогата на природниот гас во енергетската транзиција“ во рамки на Бизнис форумот кој се одржа во Варшава како дел од Министерскиот состанок на Партнерство за трансатланска енергија и климатска промена (P-TECC), Бектеши изјави дека гасификацијата е од круцијално значење за економијата и ќе биде бенефит како за граѓаните така и за компаниите, но и за животната средина и за општеството во целост.

Министерскиот состанок е во организација на Министерството за енергија на САД и Министерството за клима и животна средина на Полска во соработка со Атлантскиот совет.

Како што информираат од прес-службата на Министерството за економија, Бектеши потенцирал дека за обезбедување на прогнозираните количини на природен гас за наредниот период, во тек се активности за натамошна изградба на постојниот гасоводен систем во земјата, негово поврзување со регионалните гасоводни системи особено со јужниот гасен коридор, како и отпочнување на преговори за обезбедување на дополнителните колични на природен гас.

Во последните неколку години ги поставивме енергетските политики во Македонија на стабилни основи. Тие гарантираат безбедно и стабилно снабдување со енергенси, но и диверзификација при снабдувањето, кои се базирани на чиста-зелена енергија и кои ќе овозможат одржлив раст на економијата на нашата држава – изјави Бектеши.

Како дел од активностите кои веќе се почнати, Бектеши истакнал дека пред три месеци е потпишан договор за изградба на интерконектор за природен гас со Грција што треба да почне да се гради до крајот на годината.

Изградбата на овој интерконектор за течен гас ќе отвори многу можности за нашата земја, со кои ќе имаме шанса во иднина да се позиционираме како земја која ќе биде транзит за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа, а за нашата национална економија ќе обезбедиме диверзифициран извори на енергенси и ќе ја поттикнеме конкурентноста – изјави Бектеши.

Тој информира дека покрај инвестициите во интерконекторот со Грција, веќе се почнати активности за гасно поврзување со Косово, Србија и Албанија што ќе го отвори хоризонтот за подобрување на регионалната соработка и конкурентноста на заедничкиот регионален пазар.

Бектеши потсети и дека на почетокот на годината е потпишан договор со Грција за соработка за изградба на гасниот терминал во Александрополи, во кој Македонија ќе поседува 10 отсто од акциите на терминалот, како и учество во изградбата на гасната централа во близина на Александрополи, каде уделот на Македонија е 25 отсто од вкупната вредност

Конкурентноста на Југоисточна Европа со инвестициите во интерконектори се подобрува, а истите се многу важни и за иднината, за преносот на водород како иден извор на енергија. Во сите сектори до 2030 година планираме да намалиме 51 отсто од емисиите на стакленички гасови, во споредба со нивото од 1990 година – изјави Бектеши.

Иницијативата „Партнерство за трансатлантска енергија и климатска соработка (P-TECC)“ е создадена како пат за зголемена соработка помеѓу САД и земјите од Централна и Источна Европа за енергетска безбедност и транзиција кон чиста економија.

На бизнис форумот учествуваат претставници од земји, организации и бизниси од целиот регион, а главна тема оваа година се технолошките иновации, пречките во политиките и бизнис можностите. Главен фокус на овогодишниот министерски состанок е поставување на климатска акција и праведна транзиција кон иднина со низок јаглерод и распоредување иновативни технологии за чиста енергија што создаваат работни места на двете страни на Атлантикот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.