Министерот за економија Крешник Бектеши им порачува на граѓаните дека има доволно храна во земјава за неколку месеци, а на трговците да ги почитуваат одлуките на Владата за цените на производите. Најавува скоро замрзнување на цените на јужното овошје, за што е донесена предлог-одлука.

Ги убедувам сите граѓани дека имаме доволно храна не само во моментот, туку и за наредните месеци што следуваат. Ние не можеме да предвидиме колку ќе трае вирусот, колку ќе траат забраните, но секако сме обезбедени со снабдување на прехранбени производи во нашата држава – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој потсети дека Министерството за економија првично презеде мерки кои се однесуваат на замрзнување на цените на одредени производи, посебно на основните прехранбени производи и соодветно на своите надлежности забрани и извоз на брашно и пченица за други држави. Ги повика компаниите да не ја користат можноста за правење профит, бидејќи, како што кажа, сега не е време за тоа.

Би сакал да ги повикам сите компании посебно големите и малите трговци, но истовремено и производителите на прехранбени производи да ги почитуваат одлуките од Владата за цените, бидејќи одлуките се конкретни, концизни и прецизни. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) работи – ги прави соодветните контроли, но апелирам граѓаните да пријавуваат неправилностина бесплатниот телефонски број 191 – рече Бектеши и додаде дека ДПИ веднаш по пријавувањето ќе интервенира согласно капацитетите што ги има.

Посочи дека ДПИ дополнително ќе ги провери трговците откако ќе заврши вонредната состојба и ќе има соодветни казни за непочитување на одлуките на Владата согласно законите во нашата држава.

Веќе е донесена предлог-одлука за замрзнување на цената на јужното овошје, а ДПИ прави соодветни контроли посебно за големите трговци кои ги увезуваат споменатите производи – потенцира Бектеши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.