Дали БЕГ ги враќа топланите на мазут? Прв пат по 2013 година БЕГ набави мазут за над 22 милиони евра. И тоа од фирма на поранешниот соработник на Самсоненко, Ратко Капушевски.

БЕГ одбрал снабдувач со мазут за целата грејна сезона во случај да снема или да не успее да набави гас. Теоретски, ако се оствари најцрното сценарио и БЕГ мора да ги грее скопјани на мазут, тие ќе побараат достава од тендерскиот победник. За разлика од гасот, мазутот е голем аерозагадувач. Победник на оваа потенцијално мрсна зделка е фирмата РКМ на поранешниот директор на СРЦ „Борис Трајковски“ и поранешен соработник на Сергеj Самсоненко, Ратко Капушевски.

Во изјава за ИРЛ БЕГ вели дека тоа им е за резерва, но во договорот се наведени сите топлани.

На 20 јули 2020 година Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за издавање на лиценца за трговија на нафтени деривати, биогорива и мазут на компанијата „РКМ ДООЕЛ“ Скопје, во сопственост на Ратко Капушевски, а само 17 дена подоцна од доделувањето на лиценцата, на 7 август, Балкан енерџи распишува тендер за набавка на 55 милиони килограми масло за греење. Огласот трае до 14 септември, а на тендерот се јавува само една фирма, тазе формираната компанија на Ратко Капушевски. Пред неколку дена, на 27 октомври фирмата РКМ го склучи договорот за Рамковна спогодба во вредност од 22 милиони евра.

„И јас се изненадив кога го видов тендерот. Многу пари се тоа, 18-20 милиони евра. Прашав во БЕГ што е работата и од таму ми кажаа дека според Закон мора да чуваат резерва, но тоа не значело дека тој мазут ќе се употреби“, вели скопскиот градоначалник  Петре Шилегов. 


Целиот текст на ИРЛ


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.