Владата во рамките на четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19 го усвои пакетот кој, меѓудругото, предвидува директна финансиска поддршка на приватниот сектор и стимулирање на компаниите за враќање и задржување на работниците на работните места, посочи Управата за јавни приходи (УЈП), во пресрет на донесување на Законот за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
Овој предлог закон е во собраниска процедура и УЈП очекува да биде донесен во најкраток можен рок.
Имајќи го предвид фактот дека законот се уште не е донесен, како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН образецот за користење на финансиска поддршка за исплата на платите – наведуваат од УЈП.
Барањето за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, додаваат, ќе се поднесува до УЈП преку системот е-Даноци, a УЈП во рок од три дена ќе ја провери и потврди комплетноста на барањето.
Управата за јавни приходи, го подготви системот е-Даноци за поднесување Барање за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати и веднаш по донесувањето на законот и подзаконскиот акт, на интернет страницата, ќе го објави образецот Барање за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците ќе го постави на системот е-Даноци за непречено поднесување од страна на работодавачите, појаснуваат од УЈП.
Оттаму посочуваат дека работодавачот со комплетно барање, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б од месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец) внесува шифра 5001, а работодавачот кој може истовремено да користи и друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинира со шифрата 5001. По обработка на МПИН образецот, УЈП ќе го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец.
По усвојување на законот од страна на Собранието, Управата за јавни приходи на прес-конференција подетално ќе ги образложи поединостите од Законот односно условите за користење на финансиската поддршка, начинот и роковите за исплата на финансиските средства на работодавачите, постапката на враќање на средствата, но и за казните за прекршување на законските одредби – наведуваат во соопштението.
За сите прашања околу четвртиот сет на антикризни мерки Управата за јавни приходи ги повикува граѓаните да се обратат на маилот: finansiska.poddrska@ujp.gov.mk, како и на контакт лицата по регионалните дирекции објавени на сајтот на УЈП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.