Со краток марш и протестен собир пред седиштето на ХЕЦ Маврово, група гостиварци искажа незадоволство против одлуката за поскапување на струјата. Организаторите на протестот, напоменаа дека ова ќе биде последниот протестен собир, а барањата ќе ги остваруваат преку институциите.

Седмиот по ред протест започна од корисничко енергетскиот центар Гостивар (КЕЦ) на ЕВН по што протестантите пеш заминаа до дирекцијата на Хец Маврово во Гостивар. Таму беше кажано дека заради состојбата во земјата, крајно е неодговорно да се дозволи да поскапуваат услугите и продуктите. Од протестот беше порачано до Регулаторната комисија за енергетика и Владата да ги сфатат пораките на народот сериозно и во најскоро време да се најде најдобро можно решение.

Организаторите најавија дека барањата ќе ги достават како петиција до пратениците и Парламентот за да се донесат законски решенија. За дел од барањата, решенијата ќе ги бараат преку институциите.

На последниот собир беа повторени барањата – Регулаторната комисија за енергетика да ја поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 проценти, да се намали цената на електричната енергија за 20 проценти, а од Владата се бара да го намали ДДВ-то за енергијата од 18 на 5 проценти и да го прекине монополот на приватната компанија ЕВН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.