Еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност, но и финансиска помош за секоја туристичка лиценцирана агенција побараа денеска угостителите и туристите, кои се собраа на протест пред Министерството за финансии.

Под мотото „Ќе можете ли“ денеска сопствениците на угостителските објекти, ресторани за свадби, игротеки, туристички агенции, туристички водичи и членови на туристичка комора побараа од надлежните институции да им ја обезбедат бараната финансиска поддршка за спас на овие дејности

Мартин Ангеловски од Туристичко Угостителска комора денеска на прес-конференција за време на протестот рече дека без соодветна и навремена поддршка, ќе дојде до престанок на деловна активност за многу субјекти во секторот, но и загуба на многу рбаотни места

Угостителскиот сектор од почетокот на кризата минатата година се до денес работи под бројни рестриктивни мерки а во одредени периоди и со целосен прекин на активности. Ние во изминатите години докажавме дека знаеме и можеме да работиме и од нула изградивме бизниси преку кои чесно ги издржувавме нашите семејства. Сега не поради наша вина, не можеме да работиме а тоа ја доведува во прашање не само иднината на нашите деловни субјекти и вработените туку и егзистенција на нашите семејства – рече Ангеловски.

Тој ги повика надлежните институции да се потстетат на нивниот изборен слоган „Можеме“ и да покажат дека можат да помогнат кога тоа навистина е потребно за спас на дејноста, на прваните лица и егзистенција на семејствата.

Ангеловски појасни дека се бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета прим,арната дејност со уредба на Влада и кои со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места туку немаат помош за основни средства за егзистенција и се под закана на губење на домовите од страна на банки и извршители.

Исто така, како што рече, бараат еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории врз основа на големината на бројот на вработени за изминатата година, како и за утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од Комерцијалната и Развојната банка се додека Владата не им дозволи да работат без рестрикции.

По помош не сметаме понуди од Влада за користење на кредити од развојни банки, тоа е само дополнително задолжување за нас. Бараме еднократна финансиска помош за секој угостителски објект регистриран кој повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и домувања акумулирани поради забрана за работа – додаде Ангеловски.

Ана Марија Алексова, претставник од туристичките агенции денеска на протестот рече дека ситуацијата во туристичките агенции е алармантна.

е може да се издржи месец за месец заради тоа што прометот во овие месеци, односно како започна 2021 година е скоро нула. Можете ли да си го дозволите тоа да затворат туристичките агенции? Можете ли да дозволите, кога во светот туризмот е трет сектор по големина и од 2014 до 2019 година едно од четири работни места во светот е во туризмот? Зошто да не се придружуваме во ова и ние, и зошто да не дозволиме да опстанат туристичките агенци, а со тоа да помогнат и економијата дополнително да се развива во земјата, што ќе значи многу за една мала држава како нас. Имаме потенцијал и можеме да работиме, но само ако ни дозволите да можеме да опстоиме – додаде Алексова.

Таа потенцира дека веќе се започнати затварањата на туристичките агенции, од причина што немаше континуитет во помошта. Причина е тоа што како лиценцирана дејност мора да имаат минимум број на вработени. А за жал, како што рече, не може тоа да се издржи и нема финансиски средства да опстои.

Што се случува со тие луѓе кога се затворија агенциите и кога останаа на улица? Што се случува со долговите кои останаа отворени со тие затворени туристички агенции? Не ли е важна секоја човечка судбина и секоја компанија колку мала и голема?- додаде Алексова.

Таа информриа дека нивните барања се неопходна финансиска неповратна помош за опстанок на секоја туристичка лиценцирана агенција.

Ние би сакале да работиме и сами би си заработиле и многу повеќе од тоа што бараме но заради виша сила сме во ситуација во која прометот е паднат на скоро сто проценти – рече таа.

Второто барање е за помош на туристичките агенции кампањата која се води „Дома си е дома“, со ваучерите годинава да оди исклучиво преку туристички агенции. Исто така, имаат издадено ваучери, кои со одлука на Владата минатата година, треба да бидат реализирани до 31 декември 2021 година. Бараат одлуката да се продолжи, наместо 31 декември 2021 година, до 31 декември 2022 година.

Димитар Кавраков, претставник на Македонска асоцијација на туристички водичи денеска на протестот посочи дека не бараат милостиња, туку само услови за работа.

Ние не бараме милостиња, ние бараме услови за работа, да си ги заработиме своите пари. Во овие пакети нас како водичи на вклучија во четвртиот пакет, а во петтиот пакет не заборавија, во секој случај сме ставени на маргините на општеството а и кај нас има луѓе кои од парите кои ги заработуваа, ги издржуваа своите семејства – додаде тој.

Трајко Николовски, претседател на Групацијата на забавни и рекреативни дејности игротеки и сродни дејности во Услужна комора при Сојуз на стопански комори на Македонија денеска рече дека поради големиот број на заболени лица, во завидна состојба се наоѓаат и игротеките, со што нема ни интерес за славење на роденден во игротеките.

Од таа причина ние бараме финансиска помош се додека не се создадат услови за работа. Речиси 14 месеци сме без деловни активности, а без помош ќе згаснат и нашите деловни субјекти – изјави Николовски.

Демонстрантите на Туристичко-угостителската комора истакнаа дека денеска ќе останат да протестираат се додека имаат законска можност, односно до почеток на полицискиот час.

Протестот ќе продолжи и утре, а ќе трае се додека не бидат исполнети нивните барања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.