Авто-плинот, или течниот нафтен гас, кој е доста популарен во Македонија, од денеска се точи по 41,5 денари на слободниот нерегулиран пазар, што е екстремно висока цена, со оглед на тоа дека во минатото цената на плинот изнесуваше 25 до 30 денари. За споредба На 1 јуни годинава, цената на плинот била 24 денари, а веќе на 5 октомври неговата цена достигна над 41 денари. Ова е вистински ценовен шок за возачите кои имаат возила на плин, со оглед на тоа дека плинот никогаш не бил повеќе од половина евро, односно неговата цена секогаш се движела меѓу 20 и 30 денари, со стабилни осцилации надоле нагоре. Поради исплатливоста, но и за намалување на загаденоста дури се воведе и субвенција за вградување на плински уред во автомобилите, што сега се чини економски неисплатливо, поради континуираното поскапување на плинот, пробивајќи ја границата од 40 денари за литар.

Според граѓаните годинава во споредба со лани за истите пари можат да стават речиси половина помалку плин во автомобилот. Такси превозниците кои возат на плин, се жалат дека цената е многу висока и дека тоа влијае врз одржливоста на нивното работење.

Практично, цената на авто плинот во моментов е речиси иста како на бензините без пресметана акциза.

Причината за ваквиот екстремен скок на цената на плинот увозниците и дистрибутерите ја лоцираат  во растот на цената на нафтата на берзите. ЛПГ како прв продукт при производството на нафтата логично е да ја следи цената на нафтата на берзите. И трговците кои работат со ЛПГ ја следат цената на нафтата, па ја зголемувааат малопродажната цена.

Цената на плинот не зависи од нас. Таа е диктирана од светските берзи. Таму енергенсите бележат огромен нагорен тренд, како нафтата, така и плинот, па логично е и ние да ги качиме цените на домашниот пазар. Плинот и онака не е регулиран од страна на државата. Од трговците зависи колку ќе се качи цената, но никој не сака да работи со загуба. Значи се работи за глобален тренд. Сепак и со ова последно покачување, плинот останува најекономичен енергенс за користење. И воедно еколошки. Гледате дека се е поскапено, ова е само дел од одвиткувањето на ценовната спирала. И никој не може да каже до каде и колку ќе оди цената нагоре- велат дистрибутерите на гориво.

Инаку цената на природниот гас во Европа на отворањето на тргувањето во вторникот првпат во историјата ја надмина бариерата од 1.300 американски долари за илјада кубни метри, покажуваат податоците од специјализираната берза ICE Futures.

Фјучерсите за испораките на гас во Европа растат меѓу 8 и 13 отсто од пресметковната цена на затворањето на тргувањето во понеделникот, и во текот на претпладневното тргување во вторникот цените на термински договори за испораки достигнаа историски рекордна вредност од над 1.300 американски долар.

Динамиката на вредноста се пресметува од цената за порамнување од претходниот трговски ден. Понеделничкото тргување беше затворено со 1.156,3 долари за илјада кубни метри гас.

Максимумот на отворањето на трговскиот ден изнесуваше 1.228,8 долари за илјада кубни метри гас, а подоцна енергенсот ја проби границата од 1.303 долари.

Цената на гасот на европскиот пазар има тренд на голем раст. На почетокот од август со порачките за испорака на енергенсот се тргуваше по 515 долари за илјада кубни метри, четири седмици подоцна скокна на 614 долари а до крајот на септември се зголеми речиси двократно.

Според експертите, европскиот пазар на природен гас во првата половина од годината се соочи со одлив на течен природен гас (LNG) на азиско-пацифичкиот и јужноамериканскиот пазар, чиј удел во увозот падна од 41,5 на 31 отсто. Количински испораките на LNG во Европа во истиот период паднаа за 10,74 милијарди кубни метри или за 15,9 отсто.

Истовремено, ваквата ситуација се должи и на испразнетите европски капацитети за складирање по минатогодишната голема потрошувачка поради студената зима. Од Москва повеќепати со податоци посочија дека „Газпром“ ги исполнува сите обврски во снабдувањето со гас и оти компанијата и покрај тоа што речиси го достигнала рекордните количества на испораките, не може да го впумпа енергенсот во гасоводите пред тој да биде продаден, како и дека за испораките е потребен извесен период.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.