Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија реагира до Владата дека утре, 22 декември, истекува рокот за преточување на уредбата со законска сила во трајно законско решение или евентуално друго правно решение со кое би се продолжило он-лајн обложувањето преку македонските лиценцирани спортски обложувалници.
Со прекин на уредбата, велат од АСОМ, се гасат сервисите на домашните лиценцирани обложувалници, а државата ризикува да изгуби неколку стотици милиони денари на годишно ниво, средства кои, во услови на сериозна глобална економска дестабилизација заради ковид-19 пандемијата, имаат значаен придонес во државната економија.
Бараме итно, по кратка постапка, Владата да ја имплементира уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри. Владата имаше 6 месеци да најде правно решение за продолжување на уредбата, но тоа не се случи. Ние апелиравме преку медиумите, но и до Владата и Мистерството за финасии со барање за средба за да ги адресираме предизвиците, но и придобивките од индустријата, но досега апсолутно немаше слух за тоа. Затоа ние уште денеска до Владата и Министерството за финансии ќе доставиме предлог текст за имплементирање на Уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри, кој сметаме дека треба итно да се донесе. Несфатливо е како во услови на економска нестабилност предизвикана од ковидкризата, државата не ја гледа вредноста во буџетот која ја донесе он-лајн обложувањето. Од друга страна и здравствениот аспект во смисла дека он-лајн обложувањето го намали физичкото присуство во објектите. За илустрација, од воведувањето на он-лајн обложување преку македонски лиценцирани обложувалници од мај годинава до декември од оваа услуга се слеале повеќе од 100 милиони денари во државната економија. Поконкретно од 4% посебна давачка за он-лајн околу 35 милиони денари и 65 милиони денари од данокот на личен доход, истакнуваат од АСОМ.
Од АСОМ укажуваат дека кај нас он-лајн обложувањето е сé уште на почеток.
Играчите полека почнаа да стекнуваат навика да ја користат оваа услуга на домашните сајтови на лиценцираните спортски обложувалници. Тоа перспективно во државата би значело многу поголеми средства само од оваа услуга. Но ако сега се прекине и не се најде соодветно правно решение за продолжување на он-лајн обложувањето тоа ќе предизвика недоверба кај играчите и нивно повторно враќање кон нелегалното он-лајн обложување на странските сајтови, апелираат од АСОМ.
Играчите едноставно, велат, ќе бараат алтернатива, а државата ќе нема контрола врз обложувањето.
Додаваат дека парите за данокот, наместо во буџетот, ќе се одлеваат надвор од државата, според некои проценки станува збор за 40 до 50 милиони евра, средства кои се од значаен интерес за нашата домашна економија, одржувањето и отворањето на нови работни места и инвестиции
Дополнително, велат од АСОМ не смее да се занемари фактот дека носењето на уредбата поттикна инвестиции во софтер, хардвер, маркетинги човечки ресурси за он-лајн обложување кај домашните лиценцирани спортски обложувалници, средства кои практично сега излегува дека се залудно вложени.
Од АСОМ посочуваат дека ниту Државна видеолотарија на Македонија (ДВЛМ) нема право да приредува интернет игри на среќа, но изразуваат сомнеж дека ДВЛМ тоа нема да го почитува.
Немањето подзаконски акти значи дека никој не може да приредува интернет игри на среќа, па ни ДВЛМ бидејќи без овие акти никој неможе да ги добие потребните дозволи и лиценци за приредување на интернет игрите на среќа. И во периодот додека важеше Уредбата со законска сила за примена на Законот за игрите на среќа и забавните игри за време на вондредна состојба ДВЛМ работеше според постоечкиот закон и не ја применуваше Уредбата онака како што беше истата пропишана. Сето ова отвора сомневање за селективен пристап кон различни категории на приредувачи на игри на среќа иповластена положба на одредени субјекти во приредувањето на интернет игрите на среќа, истакнуваат од АСОМ.
Од Асоцијацијата потсетуваат дека и покрај тоа што он-лајн обложувањето, согласно член 19 од Законот за игри на среќа на странските сајтови е спротивно на законот и ваквиот начин не гарантира никаква безбедност во однос на уплатите и исплатите, играчите сепак практикуваа и сé уште практикуваат он-лајн обложување на странски сајтови. Од друга страна, он-лајн обложувањето на сајтовите на домашните обложувалници се покажа како безбедно, сигурно и едноставно.
Асоцијацијата до Министерството за финансии, повикувајќи се на истиот член од Законот за игри на среќа (член 19) испрати допис, со кој побара да се информираат странските приредувачи на игри на среќа кои нелегално и без лиценца приредуваа он-лајн обложување дека е забрането учество на граѓаните на Република Македонија.
Согласно ова, доколку Управата за јавни приходи утврди прилив на парични средства од учество во игри на среќа кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа, тоа подлежи на високи парични казни за играчите.
Со тоа велат од Асоцијацијата, укажавме и алармиравме на сите можни прекршувања на Законот, додека при ноење на уредбата, целосно ги подготвивмеи адаптиравме услугите за играчите и ги прифативме условите кои ги наметна државата за овозможување на оваа услуга.
Кога се донесе уредбата, ние како Асоцијација ја поздравивме оваа уредба на Владата. Таа дојде во вистински момент, како соодветен одговор на коронакризата и навистина помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува нашата индустрија. Дополнително мора да се земе во предвид дека оваа индустрија има и значаен придонес во државната економија. Ние, во републичкиот и локалните буџети во 2018 година сме придонеле со околу 253 милиони, пари кои се користат директно за потребите на сите граѓани во државава.Нашата индустрија позитивно влијае и врз развојот на други стопански гранки, преку средства кои се слеваат во други дејности и придонесуваат за стопански развој во земјата. Воедно, воспортските обложувалници се вработени околу 4.500 луѓе, а целата индустрија поддржува околу 54.000 работни места, истакнуваат од АСОМ и нагласуваат дека исклучително е важно да и се помогне индустријата за да се зачуваат работните места, да се обезбеди одржливост, а со тоа и финансискиот придонес кој индустијата го има во државната економија.
Инаку, спортските обложувалници беа меѓу првите деловни субјекти опфатени со рестриктивните мерки на Владата против ковид-19, на почетокот на годината. Прво, беше донесена одлука спортските обложувалници да работат со скратено работно време, но набрзо потоа, на 14 март обложувалниците беа целосно затворени до 13 мај, кога Владата донесе одлука за повторно отворање на уплатно-исплатните места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница, со посебно утврдени протоколи за работа. И покрај кризата спортските обложувалници не отпуштија ниту еден вработен. Со повторното отворање на објектите, сите вработени во спортските обложувалници, членки на АСОМ, се вратија на своите работни места. Членките на Асоцијацијата во целост ги почитуваат сите мерки кои ги носи Владата со цел заштита на здравјето на граѓаните и работат согласно пропишаните протоколи.
Уредбата со законска сила со која се овозможи он-лајн спортко обложување преку македонските лиценцирани обложувалници се донесе на 24 април со важност до 22 декември, 2020 година.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија е активен чинител во општеството и заедно со своите членки работи одговорно, создава услови за работа и кариера, придонесува во економијата и активно делува на полето на општествената одговорност за поддршка на заедницата. АСОМ е формирана 2013 година, а членки на асоцијацијата се: „Моцарт“, „Спорт лајф“, „Златна копачка“, „Евротип“ и „Марбет“.
Повеќе информации за Асоцијација на спортcки обложувалници на Македонија се достапни на веб страницата www.asom.org.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.