ВМРО-ДПМНЕ зад покачувањето на цената на струјата отворено се сомнева дека стојат бизнис интереси на семејството Заеви. Денеска на прес-конференција портпаролот на партијата, Димче Арсовски, презентираше наводи за кои рече се доаѓа до причината за покачената цена на струјата која од септември ќе ја плаќаат граѓаните.
Државната компанија ЕСМ, како производител на струја продава 100% од своето производство на универзалниот снабдувач со електрична енергија, наместо 75% како што тоа е регулирано со закон, и со тоа свесно губи профит на сметка на универзалниот снабдувач, кој пак е приватна компанија. Па така на универзалниот снабдувач му се овозможува висок профит и поголема заработувачка. Индициите за злоупотреби се во договорите склучувани од страна на универзалниот снабдувач со приватни компании, кои испумпуваат големи суми на пари. А, тие компании имаме причина, реална причина да веруваме и да се сомневаме дека се тесно поврзани со семејството Заеви, рече Арсовски.
Тој додаде дека компанија која е универзален снабдувач склучила договор за обезбедување со агенција, чиј сопственик е од Струмица. Истите сопственици на оваа агенција за обезбедување, вели Арсовски, преку семејството партиципираат и во бизнисот со марихуана, бизнис за кој лиценца е дадена директно од Владата на Зоран Заев и СДСМ.
Дали на универзалниот снабдувач му се дава висок профит, за преку приватни компании кои влечат корени од Струмица, истите пари да се вадат на приватни сметки и да се слеваат во семејството Заеви?! Агенцијата за обезбедување, чиј газда е од Струмица, со универзалниот снабдувач на електрична енергија склучил договори вредни близу 17 милиони евра. Значи само за обезбедување оваа струмичка компанија земала околу 17 милиони евра од универзалниот снабдувач, према кој граѓаните плаќаат повисока цена на струја, благодарение на СДСМ и Заеви, појасни портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовски рече дека има вкупно четири договори, од кои првиот е склучен на 16.03.2018 година во вредност од 50 милиони и 909 илјади денари и е со назнака за набавка на услуги за управување со мониторинг центар. Вториот договор е склучен месец и половина подоцна, односно на 30.04.2018 година со вкупна вредност од 109 милиони 83 илјади денари и е за извршување на услуги за обезбедување. Третиот оглас кој го склучил универзалниот снабдувач со оваа приватна компанија за обезбедување е склучен на 22.02.2019 година во вредност од 153 милиони 370 илјади денари, и исто така е за извршување на услуги за обезбедување.
Соработката помеѓу овие две компании продолжува и на 28.06.2019 година универзалниот снабдувач со електрична енергија го склучува најголемиот од четирите договори во вкупна вредност од 714 милиони 108 илјади денари. Тоа се вкупно 1 милијарда 27 милиони 482 илјади денари или 16 милиони 707 илјади евра, близу 17 милиони евра, пари кои одат од граѓаните кои плаќаат струја. Бројките не се производ на некој паушални тврдења, туку факти кои произлегуваат од јавно објавените податоци на веб страната на Бирото за јавни набавки, појасни Арсовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.