Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска беше дел од учесниците на дебатата за социјално и економско зајакнување на жените преку социјални претпријатија што се одржа во Штип. Со дебатата беше означен и почетокот на петтата „Текстилијада“ чие годинешно мото е „Известување и улогите во борбата за работнички права“, а манифестацијата ја организира невладината „Гласен текстилец“ од Штип.
За Арсовска дебатата отвора нови можности за да се понудат решенија кои ќе креираат подобра иднина за економскиот просперитет на државата во целина. Во своето воведно обраќање, таа наведе дека во Македонија 99,8% од регистрираните претпријатија се микро, мали и средни претпријатија и сите тие можат да се категоризираат во делот социјално претприемништво затоа што во моментов работат за да преживеат.
Компонентата на социјално претприемништво верувам дека ќе отвори нови перспективи. Долго време се соочувавме со проблеми со регулативата, имаше и проблеми да се разбере што претставува всушност социјално претприемништво и како ние можеме да го подобриме, поточно како може едно претпријатие да работи користејќи претприемачки принципи, а воедно служејќи на заедницата. Самиот концепт е чуден за една држава во која што 40% од населението живее во сиромаштија, каде луѓето работат за да преживеат, што особено се интензивираше во период на пандемија. Затоа е важно да се успее со поддршка на претприемништвото, да ги охрабриме граѓаните да вложуваат во иновативни идеи и да градат подобра иднина за себе и за околината, истакна Арсовска во своето воведно обраќање.
Во вториот дел од обраќањето, Данела Арсовска се осврна на правата на жената работничка, што всушност беше и тема на дебатата и истакна дека е голем поборник на движењето за родова еднаквост, затоа што, како што кажа таа, недопустливо е во 21. век за еднаква работа и вложен труд на работното место, жената да биде помалку вреднувана во однос на мажот.
Во моментов, статистиките покажуваат дека жената е дури за 20% помалку платена на пазарот на трудот. За застапеност на жените во политиката кај нас постои загарантирана квота, но во приватниот сектор таква регулатива нема. Затоа, сите ние, заеднички, мора да се избориме за жената го добие заслуженото место во општеството, заклучи Арсовска.
За крај, Арсовска посочи дека од Сојузот на стопански комори на Македонија, во кризата континуирано беше истакнувано дека од исклучителна важност е да не се дозволи луѓето да останат без работа поради последиците од Ковид кризата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.