Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ја достави до Уставниот суд Иницијатива за оценување на уставноста на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Македонија, со посебен предлог за издавање времена мерка за стопирање на неговата примена се додека судот не се произнесе.

За Законот, што веќе е објавен во Службени весник, од ДКСК по извршената антикорупциска проверка, оцениле дека е со висок ризик за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Од ДКСК сметаат дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

Нема јавен интерес каде што има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставни работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава – вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положа и однесување на пазарот.

Меѓу другото, од Антикоруциска посочуваат дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрерност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализамот.

Пратениците овој Закон го донесоа во скратена постапка. Законот што го усвои Собранието, на предлог на група пратеници, е конкретна реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.

Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 Д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, по изгласувањето на законот во Собранието, го потпиша указот за негово прогласување и покрај забелешките на Антикорупциската комисија.

Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти – соопштија од кабинетот на Пендаровски по потпишувањето на указот.

Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, пак, изјави дека Владата има план „Б“ доколку законот биде оспорен пред Уставен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.