Вицепремиерот Кочо Анѓушев негираше денеска било каква вмешаност во одлуката на Владата да го замрзне прогресивното оданочување на пресоналниот данок на доход. Според Анѓушев оваа одлука потекнува од Министерството за финансии.

Министерството за финансии ги правеше анализите и јас истите ги видов на владина седница. Немав никакво влијание во носењето на оваа одлука, изјави денеска Анѓушев одговорајќи на новинарско прашање дали тој го убедил Заев да го врати рамниот данок и дали со тоа штити бизнис интереси.

Анѓушев одби да ги коментира критиките кои во меѓувреме ги упатија до Владата поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, и неговиот некогашен советник, Бранимин Јовановиќ, кои ја воведоа прогресивната даночна стапка.

Тевдовски испрати порака до СДСМ дека со замрзнување на прогресивниот данок партијата ја губи придавката „социјалдемократски“, а Јовановиќ посочи дека аргументите на министерката Нина Ангеловска се неиздржани.

Според Јовановиќ откако е воведена прогресивната стапка, приходите во буџетот од персоналниот данок се значително зголемени, а во меѓувреме е намалена нееднаквоста во државата.

Како што претходно соопшти Ангеловска даночната реформа која ја воведе Владата на СДСМ се замрзнува за следните 36 месеци. Тоа значи платите над 90.000 денари нема да се даночат со 18%, туку по 10%, а приходите од закуп од 15% паѓаат на 10%. Се одложува и даночењето на капиталните добивки и на каматите на штедните влогови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.