Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција ја појасни детално мерката за финансиска поддршка од 14.500 ден по вработен, која како што рече, на фирмите кои се засегнати од корона-кризата ќе им биде ликвидносна инјекција и помош за исплата на плати.
– Мерката може да ја искористат компаниите за да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосните или најголем дел од трошоците за исплата на плати на работниците кои поради кризата не се на работа, како и во комбинација на мерките за поддршка за исплата на минимална плата и мерката за субвенција на придонеси за поголема плата, рече Ангеловска, презентирајќи ги и деталите како да се аплицира за мерката.
Таа истакна дека има компании што се обидуваат да се справат со кризата, кои работат, но имаат 30-40-50 отсто пад на приходите и оттука, како што рече, целта со оваа поддршка е да можат да ги задржат работниците и покрај намалениот обем на работа и да можат да ги задржат платите или барем да ги задржат на пристојно ниво со оваа поддршка.
– Така тие ако исплаќаат на пример бруто плата од 30.000 денари, половина ќе може да покријат преку оваа мерка со поддршката која ќе ја искористат. Потоа има компании кои се со нула приход – еве такви се угостителите.. Кои ги земав за пример при појаснување. Тие поради виша сила ги пуштиле работниците дома со 50 отсто плата.. кај нив нето платата изнесува 18.000 до 20.000 ден. Во случај ако тие сега исплаќаат 9.000 ден или 10.000 денари на работниците, со оваа мерка тие ќе ја покријат целата бруто плата ако е нето 9.000 ден, или ако е нето 10.000 ден. ќе треба да покријат тие околу 1.000 денари дополнително. Но што е важно да имаме предвид – оваа мерка може да се комбинира со мерката за „субвенции на придонеси при покачени плати“ – која ја користат 26.000 компании за околу 140.000 вработени, рече Ангеловска.
Министерката посочи дека работниците преку оваа мерка добиваат извесност дека ќе го задржат работното место и по завршувањето на кризата.
– Да, можеби ќе добива надоместок понизок од вообичаениот, зависно во кој сектор работи, зависно од можностите на работодавачот, но од друга страна трошоците му се намалени, голем дел од работниците се дома – не одат на работа или одат со скратено работно време, дел кои имаат кредити нема да ги плаќаат овој период, а кога кризата ќе помине ќе може да се вратат на работното место и да продолжат да заработуваат, рече Ангеловска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.