Прогресивниот данок не се укинува туку го ставаме во мирување. Во следниот период ќе се работи дизајн на оптимално решение што ќе биде фер, ефикасно и сеопфатно.

Ова го истакнува министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за Македонската телевизија во кое додава дека одлуката на Владата покажува трезвеност и носење одлука врз основа на анализи, сознанија и оценети ефекти. Таа посочува дека за даночниот систем да биде праведен, треба интензивно да се работи на намалување на сивата економија, како и граѓаните да ја зајакнат довербата во институциите.

(фото: Влада на РМ)

– Основната цел на прогресивното оданочување беше да се намали нееднаквоста, односно да се изврши редистрибуција на доходот. Податоците и анализата се шестмесечни, но за волја на вистината новите технологии – новиот систем за наплата на даноците на Управата за јавни приходи со кои се собираат детално податоците ни овозможуваат брзо да ги согледаме ефектите, да можеме да донесеме одлуки и да преземеме корективни акции, пред да биде премногу доцна. Анализата покажа дека е направена незначителна редистрибуција, но уште поважно фиктивна. На пример, ако некои лица примале 150.000 денари бруто доход, и по воведувањето на прогресивното оданочување решиле сумата што го надминува прагот од 90.000 денари, односно 60.000 денари да ги распределат на други лица, другите стануваат подоходовни – но, само фиктивно. Од друга страна, гледано агрегатно, наодите упатуваат дека некои обврзници можеби решиле дел од доходот да го префрлат во друг даночен систем кој им нуди подобри услови, вели Ангеловска.

Во однос на буџетските ефекти таа посочува дека ефектите што биле предвидени да се очекуваат од прогресивното оданочување се 25 милиони евра. Но ако субјектите не го сменеле однесувањето по воведувањето на прогресивниот и повисок данок на доход, според анализата, требало да се соберат околу 40 милиони евра на годишно ниво.

– При проектирањето, доколку ги земете податоците од 2018 година и го аплицирате новото даночно решение, потенцијалот е дека би требало да се приберат нови 40 милиони евра, додека претходно беа комуницирани 25 милиони евра. При анализата за шест месеци ако се земе дека милион и 80.000 денари е прагот на годишно ниво, за пола година тој праг е поставен на 540.000 денари за да се видат и оние ефекти од оние каде е засметан данокот, а допрва ќе биде платен. Ако тоа го согледаме ние сме прибрале околу 12 милиони евра, а потенцијалот бил да се приберат 52 отсто повеќе односно нешто над 19 милиони евра. Ова укажува јасно дека тие приходи се изгубени поради промена на однесување на обврзниците. Не можете да очекувате од тие кои што сакаме да ги задржиме во земјата и кои што учествуваат во креирање на бруто домашниот производ да сакаат да плаќаат повисок данок ако гледаат дека има сива економија дека некои околу нив не ги плаќаат даноците, ако решението им е комплицирано… едноставно тие луѓе денес полесно од кога било можат да го „преселат” капиталот  во друг даночен систем и да плаќаат даноци на некоја друга земја наместо на нашата, вели Ангеловска.

Таа додаде дека во следниот период  ќе се работи на дизајн на оптимално решение, вклучувајќи ги сите засегнати страни и дека ќе се работи на механизми за намалување на сивата економија како еден од важните предуслови за воведување една вака комплексна даночна реформа. Исто така, дека во центарот на дебатата ќе се стави домаќинството, не индивидуата.

– На пример имаме едно лице кое зема доход од 100.000 денари, а е единствен кој работи во семејството – жената не работи, децата се мали и на нив практично тие 100.000 денари им се единствениот доход. Имаме друго семејство од четворица возрасни, сите работат и земаат по 50.000 денари секој. Кое семејство е побогато? Треба превид да се земе домаќинството, вели Ангеловска.

Таа посочува дека за да се вратат граѓаните во системот, тие треба да имаат доверба во него, односно дека сите си ги плаќаат даноците, како и зајакната доверба во институциите.

Во однос на данокот на доход за капитална добивка и за депозити, Ангеловска вели дека со новите решенија ќе се намали административниот товар и ќе се направи системски начин за ефикасна наплата.

-Моменталното решение ги исклучуваше инвестициските удели, кои во следното решение ќе бидат вклучени. Дополнително ја земаме превид рочноста на хартиите од вредност и го редизајнираме решението за да направиме разлика помеѓу долгорочните инвеститори и краткорочните шпекуланти. Кога се работи за данокот кај каматите, исто така треба да имаме еднаков третман, бидејќи се работи за слободни средства кое лицето одлучува каде ќе ги инвестира. Треба да постои системски начин за ефикасна наплата и администрирање на овие решенија. Не смееме да дозволиме самооданочување, кога имаме можност да воведеме систем, односно не треба да креираме дополнителен административен товар, кога може тоа автоматизирано да се спроведува. Со Македонската берза, Централниот депозитар за хартии од вредност, Комисијата за хартии од вредност и банките следниот период ќе работиме на системско решение за институциите да се поврзат со Управата за јавни приходи и за да немаме недоумици и нормативно да се доуредат работите, вели Ангеловска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.