Пакетот на можности за привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити, кои веќе се соочуваат или во наредниот период би можело да се соочат со реални тешкотии во извршувањето на своите обврски кон банките и штедилниците, предизвикани од состојбата со корона вирусот, овозможен со вчерашните регулаторни измени може да е многу поповолен од мерка за замрзнување на кредитните обврски, доколку ефективно се примени.
Покрај одложувањето на обврската за плаќање што според одлуката што ја донесовме може да биде и подолго од три месеци, се овозможува и промена на другите услови – каматната стапка, вкупниот рок на достасување на кредитот итн., а го променивме и рокот за нефункционалните кредити. Оттука, пакетот што е содржан во донесената одлука е многу поширок, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во изјава за Канал 77, соопшти НБМ.
Таа посочи и дека можностите за промена на договорните услуги се однесуваат на сите кредитни услуги, вклучително и на кредитните картички и дозволеното пречекорување, односно минусните салда.
Банките и штедилниците се мотивирани на засегнатите кредитокорисници да им ги понудат поволните можности за промена на постојните договорни услови. Очекуваме банките и штедилниците активно да ги користат можностите дадени со одлуката што ја донесовме вчера, бидејќи и во нивен интерес е да помогнат компаниите да го пребродат овој шок и да можат да опстанат на долг рок и да имаат капацитет за да можат понатаму да ги сервисираат обврските.“ – кажа Ангеловска-Бежоска.
Во изјавата, таа одговори и на актуелното прашање зошто централната банка не донесе одлука за запирање на наплатата на кредитите во следните три месеци.
Народната банка нема законска надлежност да пропише неплаќање на обврски кон банките и штедилниците. Максимумот што можевме да го направиме го остваривме со регулаторните измени донесени вчера – остваривме максимално релаксирање на регулаторните услови за да се намали финансискиот товар на граѓаните и компаниите, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.