Финансиската поддршка од ММФ, за нас е од исклучително значење, како за спроведување на фискалните мерки, така и за обезбедување натамошен раст на девизниот потенцијал на нашата економија, односно за зголемување на девизните резерви. На овој начин се создава поголем простор за спроведување релаксирана монетарна политика и за обезбедување олеснети финансиски услови за кредитирање на погодените компании и граѓани – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по повод позитивниот одговор на ММФ на барањето за одобрување финансиска поддршка за нашата земја преку Инструментот за брзо финансирање.
Овој инструмент, како што посочува гувернерката, е значајна алатка којашто овозможува и полесен пристап до други надворешни извори на финансирање, вклучително и до европските.
Имено, одобрувањето на овој аранжман е и потврда на здравоста на политиките спроведувани од страна на централната банка, коишто резултираа со ценовна и финансиска стабилност, што пак има важна сигнална улога за идна финансиска поддршка – нагласи Ангеловска-Бежоска.
Според гувернерката, финансиските средства од ММФ ќе помогнат за ублажување на негативните ефекти за нашата економија, притоа давајќи дополнителна поддршка и на макроекономската стабилност.
Преку Инструментот за брзо финансирање, ММФ овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства, за економии со здрави фундаменти, погодени од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на ковид-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.