Амбициозна и сериозна програма која може да се оствари и не изгледа како желботека.

Ова се дел од коментарите на економските експерти во однос на Програмата на ВМРО- ДПМНЕ за следните предвремени парламентарни избори во делот на економската политика, а која вчера беше презентирана од страна на претседателот Христијан Мицкоски. Тој во Програмата најави повисоки плати за граѓаните за 25 проценти, зголемување на пензиите за 20 проценти односно над 3.000 денари, повеќе инвестиции, најави рамен данок кој ќе падне до 8 проценти, драстично намалување на невработеноста под 10%, ослободување на персоналец за вработување на млади до 29 години.

Економистите велат ако има солидна економија, платите може да растат со ова темпо. Горан Рафајловски во изјава за Република вели дека ова зголемување е реално остварливо за еден мандат.

Ако секоја година има покачување на плати за 5% на пример, ќе се сврти кругот на инфлацијата, но од друга страна ќе има сериозно зголемување и на потрошувачката. Зголемувањето на платите треба да има и во администрацијата и во приватниот сектор, а тоа за еден мандат ќе значи подигнување на општата економија. Краткотрајно ќе биде лошо за бизнисот, но долготрајно ќе биде исклучително позитивно, бидејќи ќе има зголемување на потрошувачката, вели Горан Рафајловски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека програмата предвидува целосно напуштање на концептот на прогресивен данок и воведување рамен данок до 8 проценти.

Ќе стартуваме од 10%, од кој за 1% ќе имаме намалување во првите 100 дена, што значи рамен данок од 10 на 9%, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8%, рече Мицкоски.

Во однос на намалувањето на рамниот данок, Рафајловски вели дека самата промена од рамен во прогресивен данок во изминатиов период ѝ нанесе огромна штета на македонската економија, затоа што беше избрзано и непромислено, а последиците ќе се чуствуваат и во иднина затоа што многу од ИТ-фирмите се преселија надвор од Македонија. И во западноевропските земји, вели тој, нема кој не се обидува да ги сокрие давачките од прогресивниот данок и затоа е подобра политиката на рамен данок. За натамошно намалување, потенцира, дека треба да се направат сериозни пресметки во Буџетот.

Тој вели дека секоја идна влада треба да се занимава и со проблемите како сивата економија и недостатокот на работна сила.

Со сивата економија губиме сите. Оние кои не плаќаат данок ги уништуваат останатите бизниси и на крај губат сите. Школо е потребно и за тие што плаќаат данок и за тие што не плаќаат, а вие имате 40% од бизнис кој не плаќа на државата и за тоа треба едукација, вели Рафајловски.

Во однос на работната сила, вели дека за кратко време ќе треба да увезуваме, затоа што Македонија се соочува со енормно иселување.

Не се согласувам со податоците дека невработенсота е 17%, мислам дека е многу помала, вели Рафајловски, кој потенцира дека под итно треба да се направи попис и врс основа на податоците да се гради стратегија за образование и бизнис. Нè чека многу работа доколку сакаме да ја зачуваме државата, заклучува тој.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.