Брзина на возовите не повеќе од 60 км на час. Без модернизација на пругите, без брза железничка инфраструктура, Македонија и натаму останува како слепо црево со брзото и модерно железничко поврзување, алармира стопанството на кое ваквиот транспорт му е и повеќе од потребен. Бизнисменот Горан Рафајловски вели дека без сериозен зафат од државата за изградба на пруги и патишта, не може да се развива бизнисот.

За жал, железничкиот сообраќај ни е во очајна состојба. Празни возови, недостаток на вагони, малку локомотиви, катастрофално лоши пруги, далеку од оние по кои возат модерните и брзи возови. Иако најбезбеден и најевтин, железничкиот сообраќај кај нас е пред распад. Од празната политичка пропаганда која во изминатите години побуди надеж дека конечно ќе се олесни патувањето преку модерни возови, остана само суровата реалност – лоша железничка инфраструктура, укинување на веќе постоечките линии и отсуство на инвестиции за нормално функционирање на овој сообраќај, вели меѓу другото за Алфа, бизнисменот Горан Рафајловски.

Рафајловски ја критикува актуелната власт зашто, како што вели, не знаела да менаџира околу изградба на сериозна инфраструктура дома, а камо ли да се поврземе вон границите. Вели дека било жално што почнатите проекти не знаеле да ги довршат. Еден од нив е историската пруга кон Бугарија на коридорот 8.

Веќе немам зборови со кои можам да ја опишам актуелната власт, која буквално немам никаков сенс за бизнис, за економија. Веќе ми е срам да кажам, историски почнатата и најавувана пруга кон Бугарија, до никаде не е, колку пати почна, ЕУ даде пари, грантови, и се тоа се потроши, и останавме без ништо. Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ почна да гради, и тоа се така остана, сегашнава на СДСМ ништо не доврши, иако се беше некако започнато. Стварно немам зборови со кои можам да ја опишам, за жал катастрофалната инфраструктура во Македонија, кај железничка, кај патна итн. Колку патишта се почнати и така закочени, додава Рафајловски за Алфа.

Дека желеничкиот сообраќај ни е и повеќе од очаен, потврдуваат честите протести на машинскиот персонал кој често протестираат поради лошите услови за работа. Инаку, Железници Транспорт е едно од претпријатијата кои постојано е на листата на должници. До сега, доспеаниот, а неплатен долг изнесува 60,5 милиони евра.

Извор: Алфа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.