Отворивме по пропис, растојание метар и пол од маса, со дезинфекциски средства, без задржување на шанк, носење заштита. Буквално презедовме и правиме сè како што налагаат протоколите. Но, посетеноста е мала, максимум 10-15 отсто од она што беше до 13 март, кога затворивме. Сега, барем така покажуваат првиве неколку дена, ни е потешко отколку кога бевме во карантин. Трошоците се поголеми зашто набавките редовно течат, а треба да се обезбеди и плата за вработените.

Ова е ставот на некои од скопските угостители, три дена откако повторно ги отворија своите објекти. Уште е рано, велат, да се даваат какви било оценки. Единствено е извесно дека луѓето се плашат да излезат, да дојдат да испијат понекое кафе или пиво, а ако веќе се решат, во целост ги почитуваат мерките. Носат маски, па дури и внимаваат кога седнуваат – си се оддалечуваат сами, плус од она што е дефинирано, држат дистанца.

Угостителите имаат забелешка на протоколот. Сметаат дека мерките, па и контролите кај нив се поголеми, за разлика од другите дејности како: јавниот градски превоз, банките, мини маркетите. Таму, посочуваат, е полабаво. Не се согласуваат ниту со обврската да им бараат лични карти на гостите. Оценуваат дека е понижувачка за двете страни, и за локалите и за гостите, а се чувствуваат и како полицајци.

Го отворивме локалот веднаш дента кога беше дозволено. На 28 мај. Сè е по пропис. Масите се поставени на бараното растојание, дозволуваме да седат максимум по двајца ако не се семејство. Дезинфекциски средства имаме поставено на сите маси, ги исклучивме сушачите за раце во тоалетот, напишавме дека не работат. Сепак, засега, нè посетуваат само 10 – 15 отсто од гостите што обично доаѓаа до 13 март. Мислам дека повеќето се исплашени, не излегуваат, а најголем дел не доаѓаат поради немаштијата и беспарицата периодов. Едноставно, не можат да се опуштат, да седнат, да се напијат, истакнува Методи Чолаков, еден од сопствениците на паб во центарот на Скопје што постои 15 години.

Гостите, вели Чолаков, се повеќе од свесни за коронавирусот. Сепак, мерките го ограничуваат уживањето.

Повеќе од двајца не е друштво. На пример, доаѓаат тројца или четворица, пет души. Велат: И сега, како да праиме муабет? А не е спорно, ќе седнат на маса по двајца. Но, не е тоа тоа. Всушност, најголемата болка е што протоколот за кафетериите е едно, а за во банки, мини маркети е полабав. Тој што ги прави протоколите треба да води повеќе сметка, не може мерките да важат за едни, а за други да не важат, за едни да се ригорозни, за други не. Нас нè „бркаат“ цело време, а во автобуси се возат по 50 луѓе еден до друг, па уште и без маски. Значи, ако треба да се навикнеме да живееме со КОВИД-19, тогаш треба да бидеме сите еднакво третирани, укажува Чолаков.

Отпуштања на вработените немало, но дел од персоналот си отишол и моментно претежно работи достава на храна. Цените на пијалаците засега се исти.

Ќе видиме како ќе биде, но ако вака продолжи, мислам дека ќе затвориме, потенцира Чолаков.


И сопственикот на една скопска кафеана, кој сакаше да остане анонимен, има забелешка на мерките.

По два месеца корона, луѓево се толку свесни што сами седат понастрана еден од друг, не сакаат да се блиску. Ги употребуваат средствата за дезинфекција, носат маски. Мерките само го иритираат народот, но ако ги има и треба да ги има, нека важат секаде исто. Ако кај нас седат по двајца на маса, тогаш и автобусите не треба да примаат повеќе од седум души, вели угостителот, според кој, „апсурдно и против закон е да се бараат лични карти од гостите“.

Поради ограничениот, мал број гости, како што рече и Чолаков, сега е во поголем трошок.

Кире Стефановски, менаџер на скопска кафеана, која има два објекта, во Градскиот парк и во Центар, се согласува со колегите. Но, тоа што е обврска, вели, мора да се почитува.

Трошоци секако правиме, одат луѓево на работа, се нарачува стока, треба да се дава плата, а гости има малку. Оптимисти сме, ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата. Сега е уште рано да се даде некаква поконректна оценка, дополнува нашиот соговорник.

Отворивме веднаш дента кога беше дозволено. Ги следиме протоколите максимално. Проверуваме лична карти, иако оваа мерка сметаме дека не е добра. Не сме полицајци, а доведени сме во таква ситуација. Барем така се чувствуваме. Бројот на гости е намален, по двајца седат на маса. Веројатно луѓето треба да се навикнат да доаѓаат, некои уште се плашат. Цените на храната и кафето за носење ги намаливме за 10 отсто, другите не. Отпуштања нема, ниту намалување на платите, персоналот е ист како пред 13 март. Не би знаеле да кажеме кога може да се очекува стабилизирање на бројот на посетителите. Во секој случај, сега ни е потешко зашто набавуваме сè што треба, киријата е таа, а гости има малку, вели Стефановски.


И додека угостителите со кои МИА разговараше вчера го споделија искуството, прес-конференција одржа директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауноски. Тој соопшти дека, според првичните контроли на терен, поголем број од угостителите не го почитувале протоколот. Инспекторите „начекале“ жива музика, играње на маса, гушкање. Но, покрај тоа, биле навредувани и „бркани“ од кафеаните со зборовите: „Едуцирајте нè и напуштете го локалот“.

Пауновски најави дека инспекторите, освен што ќе продолжат едукативно да им помагаат на угостителите околу заштините мерки, ќе почнат да изрекуваат и казнени мерки. Контролите ќе бидат засилени и ќе се спроведуваат и во ноќните часови и за време на викендот.

Не велам сите, но кај поголем број од угостителите при синоќешните контроли е утврдено дека воопшто не ги почитуваат протоколите. Морам да искажам огромно разочарување од нивното однесување, но и од однесувањето на оние што ги посетуваат. Наидувавме на понижување, „едуцирајте нè и напуштете го локалот“ велеа, што е крајно неодговорно и ниско, и од гостите и од сопствениците на објектите. Совеста и свеста на граѓаните, посебно на угостителите, затаи. Од денес, онаму каде што ќе констатираме нарушување на протоколите, ќе бидеме приморани да изрекуваме казнени мерки, нагласи вчера Пауноски.

Укажа и дека е зголемен бројот на заболени од коронавирусот согласно последната информација од Министерството за здравство.

Апелирам дека голем дел од точките во протоколот се применливи. Се работи за здрвјето на граѓаните. Наместо да се намалува бројот на заболени, единствено кај нас има зголемување. Мора сите да бидеме совесни и свесни. Од нас зависи дали со мерките ќе излеземе од корона-состојбата или сами ќе бараме повторно, за жал, да се воведат поригорозни мерки, потенцира директорот на Инспекторатот.

И вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска вчера апелираше до угостителите, но и до граѓаните да го почитуваат протоколот со кој се дозволува примање гости во кафулињата и рестораните во услови на коронавирусот. Рече дека инспекторите се на терен и дека ако утврдат неправилности, ќе санкционираат.

Ако ги почитуваме мерките и протоколите, ќе придонесеме оваа успешна приказна што ја имавме како држава во справување со коронавирусот да продолжи, а со тоа да покажеме дека сме зрели да се носиме со сите предизвици, напомена Царовска.

Угостителскиот сектор заедно со туризмот беше прв на удар од почетокот на корона-кризата. Со одлука на Владата од 13 март, согласно мерките против КОВИД-19, локалите, кафетериите и баровите се затворија, престанаа со работа. Изминативе два месеца беа донесени мерки за нивна поддршка, а и тие реагираа, укажуваа на големите загуби поради кои, според последните проценки, ќе им треба долго време да закрепнат. Од завчера, 28 мај, повторно со одлука на Владата, согласно препораките на Комисијата за здравство, на угостителите им е дозволено да почнат со работа, но само на оние кои имаат тераси. Притоа, дефиниран е конкретен протокол, кој мора да се почитува.

Дозволено е да бидат отворени од 8:00 до 22:00 часот, столчињата мора да се на растојание од 1,5 – два метра, на маса може да седат две или максимум четири лица ако се семејство. На секоја маса треба да има дезинфекциски средства за раце. Дозволено е и седење на најмногу 12 лица заедно, на споени маси со задолжително растојание меѓу секој гостин од 1,5 метри. Угостителите треба да обезбедат и засилени внатрешни контроли, на вработените, за одржување на личната хигиена – често миење раце при прием и послужување храна од страна на одговорно лице.

Согласно протоколот, се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција што дејствува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство што дејствува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 отсто натриум хипохлорит или 70-процентен алкохол за дезинфекција на горни површини.

Редовното одржување на тоалетите е исто така задолжително, со водење евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциски средства. Во тоалетите е забрането користење сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Организирање прослави, свадби, родендени, крштевки, во оваа фаза на протоколот, е забрането.

Работата во затворените објекти и тие што немаат тераси, пак, ќе се регулира во наредната фаза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.