Реалноста не се фалбите на владата со измислени бројки. Не е ниту купувањето социјален мир. Сето ова се распрснува пред налетот на реалноста. А реалноста можеме да ја најдеме и во секојдневни примери, рече Христијан Мицкоски вечерва на свеченоста органзирана по повод 29 години од основањето на партијата чијшто претседател е тој.

Ни ја отслика Симон Андов од Неготино. Овој млад човек не го познавам, но неговата приказна пренесена во медиумите беше најголемата негација на розевите очила на Владата. Млад човек дипломиран правник со висок просек, специјалист и магистер по европско право во Нанси, Франција, магистер по европска интеграција на универзитетот во Ремс, Франција, кој говори три европски јазици и што е најважно, кој има мотив и ентузијазам да работи за сопствената држава. Се вратил дома за да конкурира за почетничко вработување во МНР, со многу верба и труд, но бил одбиен и тоа без многу објаснувања, поради застарено лекарско уверение. Симон ѝ кажа збогум Македонијо и отпатува. За жал, Македонија има многу Симоновци кои се иселија од земјава, барајќи ја среќата таму некаде далеку, а нашата земја се ситни и губи. Нè има сè помалку, и ова е проблем низ целата држава. Од Тетово до Гевгелија од Делчево до Дебар. И не се само луѓето кои отпатуваа поради лошиот стандард, сè повеќе луѓе си заминуваат зошто ја губат вербата во системот, иако имаат солидни примања. Зaшто има неправди, пустош, пепел.  Несигурност.

Но сето ова нема да го видите на спотовите кои СДСМ ги пушта на националните медиуми, а кои сега само затоа што се власт не им преставуваат проблем и сега за нив не се некаков вид на тивка корупција. Но, тоа е друга тема. Она што сакам да го зборувам е што во овие спотови кои делуваат надреално ќе слушнете фалби дека изградиле стотици километри автопатишта, дека изградиле десетици градинки, дека наводно гасификацијата ја тераат со огромно брзо темпо… и сè така… всушност, ако сте заборавиле некој проект од владите на ВМРО-ДПМНЕ ќе го видите во спотовите на СДСМ прикажан како нивни, рече тој.

Совршено јасно е дека СДСМ и Зоран Заев немаат завршено ниту еден свој проект. А пофалните спотови завршуваат со парадоксална порака од партиското раководство „Зборот важи“.

Но, вистината е дека со СДСМ и Зоран Заев „зборот лажи“! Со овие луѓе зборот не важи, туку само зборот лажи. А лажи зашто нема никаде 500 евра плата како што ветуваа, лажи зашто нема ниту 1500 евра плата за докторите, ниту пак поврат на ДДВ. Странските инвестиции се најмали во последните 10 години, а воедно имаме најслаби досега капитални инвестиции, зашто не се гради ништо. Со Заев и СДСМ зборот лажи зашто дупката во буџетот се зголемува, а единствено што расте е задложувањето, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.