Највисоката инфраструктурна инвестиција во изминатите 50 години, автопатот Кичево – Охрид започна да се гради во 2014 година. Со инвестиција од 375 милиони евра, Кичево и Охрид требаше да се поврзат со автопат во должина од 57 километри, кој треба да го олесни и забрза транспортот на патници и стока и да придонесе за економски и туристички развој.
Активностите за изградба на автопатот почнаа со поставување камен-темелник кај кичевското село Извор. Според проектот, новиот автопат почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Од тука преку Подмолје се поврзува со Охрид. Требаше да има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата да има и 6 натпатници и 13 потпатници, како и тунелот Пресека со две цевки. Го гради кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед“. Градежните работи почнаа истовремено на три локации и требаше да завршат за четири години. Во активностите требаше да бидат вклучени и повеќе градежни и други компании од земјава.
Автопатот Кичево – Охрид, кој се гради веќе 7 години, се уште не е пуштен во употреба. И двајцата министри на актуелната власт не успеаја да ја довршат изградбата. Иако власта тврдеше дека е погрешена трасата и затоа има застој, во 2018 година потврди дека автопатот Кичево – Охрид ќе се гради по истата траса.
Работите на автопатот се со прогрес од 62 проценти, тоа значи дека од целата сума на чинење од 598 милиони евра на овој најголем инфраструктурен објект на државата се реализирани 62 проценти, рече Бочварски и додаде дека отвораат силен фронт во оваа градежна сезона да продолжат активностите.
Наместо да финишира до јуни годинава како што се најавуваше, изградбата на автопатот Кичево – Охрид доби ветувања за нови рокови. Декември 2023 година е новиот краен датум до кога конечно ќе треба да завршат градежните активности на оваа делница. Така, освен што доцни со години, проектот стана и речиси двојно поскап. Најмалку 10 милиони евра за еден километар ќе ги чини граѓаните автопатот Кичево-Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.