Граѓаните со низок доход, пензионерите со пензија до 15.000 денари, корисниците на социјална пензија, млади од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници ќе бидат корисници на помошта од државата од 6.000 денари за купување домашни производи, пишува Вечер.
Овие категории граѓани се набројани во законот за финансиска поддршка на граѓаните, кој е дел од четвртиот пакет владини антикризни мерки и дури сега влезе во Собранието, но сè уште не е ставен на дневен ред.
Парите нема да се префрлаат на картичка „купувам домашно“, туку на трансакциска сметка со дебитна картичка. По 6.000 денари ќе добијат и лицата чии трансакциски сметки се блокирани. Тие треба да побараат од една од банките што ќе ги избере Владата да им отвори нова трансакциска сметка која ќе биде врзана со времена дебитна картичка, на која ќе се префрлат парите кои нема да смеат да ги чепкаат ни извршителите.
Првичниот список на корисници на оваа помош ќе се објави на веб-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk во рок од осум дена, а конечниот во рок од 10 дена од денот кога законот ќе стапи во сила. Предвидено е парите да се трошат до 25 декември. Рокот е многу кус, бидејќи не се знае дали оваа државна помош воопшто ќе легне на картичките на граѓаните барем до почетокот на наредниот месец. Законот прво треба да се изгласа во Собранието, потоа да се објави во „Службен весник“, па да се направат списоците, да изберат банките преку кои ќе се дистрибуираат парите, за на крајот граѓаните кои немаат сметки во тие банки да ги отворат.
Процедурите до почеток на пазарењето не завршуваат тука. Парите за домашни производи и услуги ќе може да се трошат само во продавници кои ќе ги избере Владата, а за тоа се потребни повеќе денови. По стапување во сила на законот Генералниот секретаријат на Владата има рок од пет дена на интернет-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk да објави јавен повик за пријавување на правни и физички лица вршители на стопанска дејност за упис во Листа на даватели на македонски производи и македонски услуги. По извршениот избор тие ќе бидат објавени на истата веб-страница и граѓаните ќе можат да пазаруваат само кај нив, директно во објектот или онлајн со дебитна картичка. Овие пари нема да може да се подигнуваат на ПОС терминал.
Со оглед на тоа што за разлика од другите корисници на оваа помош лицата кои примаат социјална пензија се постари, па повеќето немаат интернет или не знаат да го користат, прашање е како до нив ќе стигне информацијата од владината веб-страница за тоа дека ќе добијат пари и каде и како треба да ги користат. И прашање е колку време за трошење на овие пари ќе имаат самохраните родители, чиј конечен список е предвидено да се изготви во рок од 20 дена по стапување на законот во сила.
За оваа мерка од ребалансираниот буџет ќе се издвојат 27 милиони евра.
Извор: Вечер
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.