– “… и, јас му фрлам цепелин…” – К.Л.

– “ Не, не, не … знаат сите!” – Р.Г.

– “А, лажен цепелин?” – Играчот со број 5

Сите се сеќаваме на легендарниот тајм-аут на нашите ракометни легенди во завршетокот на натпреварот против големата Германија, на ремито кое беше еднакво на победа.

Ниту самиот не знам зошто, но лажниот цепелин ми стана синоним за добро одиграна претстава за замајување на противникот. Претстава со единствена цел. Да се обезбеди победа! Да се донесе радост за Македонија.

Сепак, за потребите на оваа колумна, решив да ја употребам оваа аналогија за една друга претстава, која за жал воопшто нема намера да донесе радост за Македонија. Претставата има работен наслов “Лажни реформи во енергетиката”?

Морам да признаам дека идејата да напишам колумна за лажните реформи на владата во заминување, а кои се однесуваат на областа на енергетиката, ми се виде премногу лесна. Едноставно е. Одбери тема која ја претставиле за успех, и тоа не било каков успех, туку шампионски… и пишувај.

Одбери ја на пример либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Тој успех е надалеку фален, дури до Виена. Со него шампионите го стартуваа вице-шампионскиот успех (ги надмина Црна Гора со нивниот лажен цепелин). Нашите шампиони, пардон-вицешампиони, им текна генијална идеја и тарифните потрошувачи веќе не се тарифни, туку се снабдуваат по тарифа од Универзалниот снабдувач. Како? Со помош на магија и трикови. Му соопштија на ЕЛЕМ дека 60 евра по мегават час (колку што би чинело на пазарот) се еднакви со 34,5 евра по мегават час. A, ЕЛЕМ и неговото кадарно раководство тоа го прифати се восклик. Дури и главниот регулатор во вознес изјави:

– “Бевме информирани дека АД ЕСМ (ЕЛЕМ) 100 проценти ќе ги задоволува потребите на малите потрошувачи и домаќинствата и тоа по разумна цена, а не 75 проценти како што беше предвидено со Законот за енергетика во 2018-та и во 2019 година”.

Сеедно е. Секако никој нема да ја забележи разликата од околу 25 евра по мегават час. Секако не им е важно дали ЕЛЕМ успешно ќе продолжи да биде столб на енергетскиот систем на Македонија во наредните години и децении. Дали воопшто ќе постои? Си завршија работа. После нив секако потоп…

Туку, има и поинтересни теми. Можам на пример да ја одберам темата за инвестиција во обновливи извори. Тука владата ни е неприкосновен шампион. Си донесоа одлука дека ќе има 200 MW инсталиран капацитет во фотоволтаични електроцентрали, си пуштија прва тура тендери за премиум од 35 MW на државно земјиште и си смислија субвенции од буџет (врв на транспарентност) . Искрено, човек може дури и да поверува во искрената намера на владата да донесе инвестиции без огромен трошок за граѓаните на Република Македонија. Тоа што јавно го соопштија на една од многубројните медиумски презентрации е дека вкупниот трошок кој граѓаните ќе го субвенционираат преку буџетот (како што не треба) е 4 милиони евра годишно за сите 200 MW. Арно ама, волкот може да го смени руното, ама … Имено, додека првата одлука беше донесена јавно, со фанфари, со фалби, си пуштија уште една одлука, онака тивко, без никој да ги знае. На седница на влада на 17.09.2019 година си донесоа одлука со која е зголемена мерката за поддршка на повластените производители за вкупна инсталирана моќност на ветерните електроцентрали од 86 MW на 160 MW. За појаснување, тие не се спроведуваат во тендерска постапка, односно важи принципот прв дојден прв услужен. Врв на транспарентност. Толку голема транспарентност, што во фелата веќе се знаат првите ветерни електроцентрали кои покрај онаа на ЕЛЕМ ќе бидат удостоени со 89 евра по мегават час, пари директно од џебот на потрошувачите. Секако регуларно, со одлука на Регулаторната комисија на енергетика и секако без балансна одговорност. „Бонбона“ бизнис, нема што. Само оваа “бомбона”, сите ќе не чини околу 4 милиони евра, ама овој пат месечно. Не е баш за фалење, па си рекоа, ај ова ќе оди онака тивко, на задна врата. Секако ќе си одат наскоро, а после нив, секако потоп…

Туку и ова е некако очекувано од нив. Ми треба нешто добро. Да не е лажен цепелин, пардон, реформа. Да, ми текна. Еве од Нова Година ќе има пазарен модел на балансирање не електро-енергетскиот систем. Се присетувам дека овие од МЕПСО донесоа шампионски правила. Сите ќе бидат балансно одговорни!  Регулаторот им ги одобри правилата! Еве, со најискрена желба да ги пофалам за нивниот реформски курс во енергетиката го отварам веб-сајтот на АД МЕПСО со цел да ги прочитам правилата и да напишам колумна за пазарно-ориентираниот балансен механизам на шампионите… кога, ете ти измена на правилата уште пред да стапат на сила, уште на 22.11.2019 година. Во измените, на најголемиот производител (читај ЕЛЕМ) нема да му се наплатуваат пенали во случај на нереализирање на превземените обврски. Со други зборови, системот ќе се балансира, ќе се балансира пазарно, ама само кога може. Кога нема да може, а најчесто не може, и тоа бидејки некој реши да си поигра со енергетската иднина и да ги испразни акумулациите само за да се пофали на прес-конференција дека продал вишоци, никому ништо. Си постои старопознатиот принцип на компензација со соседните електро-енергетски системи… само овој пат по нови правила. Пак ќе си платат граѓаните. Што е битно, по нив потоп…

…или можеби можам да пишувам за Организираниот пазар на електрична енергија, она што сите го нарекуваат берза на струја?

Не, сепак нема да можам да пишувам за ништо од наведеното, веќе немам место. Впрочем, испадна дека и не било лесно да се одбере што да се пишува кога се во прашање шампионите и нивните лажни реформи. Живи-здрави, нареден пат, ама тогаш едно по едно… детално.

А, до наредно читање, лажен цепелин беше и ќе остане симбол за нашите лавови кои го оставаа срцето на терен за Македонија. За овие другиве, за нивните лажни реформи и нивната желба по нивното заминување да настане потоп, можам само да порачам дека одговорност ќе има и мора да има. Македонија издржала и поголеми “фејкери”. Ќе ги издржи и нив, барем до 12-ти.


Еден Бандераш



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.