Од 18 март годинава досега докуп на стаж побарале 1.024 лица, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување им го одобрил тоа право на 782, додека негативен одговор добиле 49 граѓани.

Останатите барања се во постапка, а овие податоци се без една филијала на Фондот во земјата, која до денеска не доставила податоци.

Граѓаните кои по основ на постојниот закон решиле самите да си го докупат стажот за тоа плаќаат по околу 1.500 денари месечно. Дали и колку ќе треба да платат идните (не)судени пензионери и кои се вработени ќе можат да докупуваат стаж по новиот закон којшто го најави новата Влада, ќе дознаеме во наредните месеци.

Оваа новина предизвика голем интерес во јавноста, дел од граѓаните веќе почнаа да прават комбинаторики кога би можеле предвреме да се пензионираат, припадничките на понежниот пол можеби уште на 57 години, откако Зоран Заев од позиција на мандатар, а од пред два дена и премиер, најави носење нов Закон за пензионирање. Според него, приходите во Фондот за пензиско осигурување растат, па се отвора можност граѓаните кои ќе сакаат порано да заминат во пензија, тоа да го сторат преку откуп на стаж. Првичните информации се дека нема да може да се докупат повеќе од 5 години работен стаж. Според најавите, минималната пензија би изнесувала 10.700 денари.

Кој досега можеше порано да замине во пензија со користење на ова право – докуп на стаж, според Законот, кој беше објавен на 10 февруари 2020, а почна да се применува еден месец од денот на влегување на сила 18. март.

Во однос на Законот за дополнување на законот за пензиското и инвалидското осигурување (Сл. весник на РСМ бр.31/20), осигуреник кој бил во редовен работен однос односно на работа, врз основа на која бил пријавен во задолжително социјално осигурување, а од страна на обврзникот за пресметка и плаќање на придонес не е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, може самиот за себе да изврши плаќање  на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Плаќањето на придонесот, се однесува за оној период за кој осигуреникот поднесува барање за плаќање за придонес, под услов да бил пријавен во задолжително социјално осигурување. Основица за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 20 отсто од просечната плата за претходната година, од годината во која е поднесено барање за плаќање на придонес за ПИО, објавена од Државен завод за статистика – велат од Фондот за ПИОМ.

Новина е дека плаќањето на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, може да го извршат членовите на семејството за починат осигуреник, заради остварување на право на семејна пензија.

Надлежните појаснуваат кој може да докупува стаж, освен стечајците.

Правото за плаќање на придонес, се остварува врз основа на поднесено барање до Фондот од страна на осигуреникот. Фондот, донесува Решение за плаќање на придонесот. Меѓутоа треба да се исполнети следните услови: осигуреникот да бил пријавен во задолжително социјално осигурување, придонесот за ПИО, за период за кој осигуреникот бил пријавен во задолжително социјално осигурување, не е платен или нецелосно е платен. Обврзникот за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување е во стечај, а осигуреникот е одјавен од осигурување или обврзникот е избришан од регистрите кои се водат при Централниот регистар на – додаваат од Фондот.

Уплатата на придонесот се врши по донесување на Решение за плаќање на придонес од страна на Фондот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.