Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се сретна со премиерот на Република Грција Алексис Ципрас, кој е прв грчки премиер што престојува во официјална посета на Република Македонија, соопшти собраниската служба за информирање.

На средбата присуствуваа Атанасија Анагностопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Република Грција и амбасадорот Димитрис Јанакакис, како и Ирена Стефоска, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Грција и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи во Владата на Република Македонија.

Џафери, оценувајќи ја средбата како историска, упати честитки до Ципрас и Заев за храброста и за преземените чекори со кои се надмина деценискиот спор меѓу двете држави и на тој начин се отвори патот за евроатлантска интеграција на Република Македонија, стратешка определба на државата и мнозинството нејзини граѓани, се вели во соопштението.

Како Парламент, Џафери посочил дека ги поддржуваат сите напори за преточување на договорната соработка во конкретни проекти, кои очекува да добиваат на интензитет во иднина.

Тој укажа на фактот дека по стапувањето на сила на Договорот од Преспа, се воспоставува правна рамка која ќе овозможи парламентарна соработка на сите основи и во таа насока ги информираше присутните за упатената покана до неговиот колега Николаос Вуцис да оствари билатерална посета на Република Македонија, како и за упатеното барање до грчка страна за формирање на група за пријателство во Грчкиот парламент со Собранието на Република Македонија.

Премиерот Ципрас, заблагодарувајќи се за дадената поддршка истакна дека во изминатиот период се донесоа големи одлуки и се преземаа големи чекори, и во тој контекст, му честиташе на Џафери за смиреноста во водењето на институционалната постапка во однос на Договорот од Преспа, што го оцени како тежок процес и за Собранието на Република Македонија и за Парламентот на Грција, се посочува во соопштението.

Ципрас изрази жалење за тридецениската празнина меѓу двата парламента и искажа очекување дека Договорот отвора можност за пополнување на таа празнина.

Тој го информираше претседателот Џафери за прифатената понуда од страна на претседателот на Парламентот на Грција Николаос Вуцис и изрази надеж дека истата наскоро ќе биде реализирана.

Исто така, изрази поддршка на формирањето на група за пријателство во Грчкиот парламент, која ќе овозможи размена на идеи и искуства и зближување меѓу пратениците од двете држави, што ќе придонесе за зближување и на граѓаните од двете земји. Премиерот Ципрас упати особени честитки до коалиционата влада и особено до претседателот Џафери како претставник на албанскиот елемент во земјата за соодветното претставување на неговите интереси, како и во однос на можноста за користење на албанскиот јазик како официјален јазик во Собранието на Република Македонија, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.

Владата на Република Грција, нагласил Ципрас, презема чекори за поддршка на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, бидејќи верува дека тоа е патот кој ќе обезбеди мир и стабилност што е важно и за народите на овие земји.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.