Акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на договарање на втората меѓувладина конференција меѓу владите на Македонија и Бугарија, беа една од темите на вчерашната средба во Софија меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева.
По средбата, од Софија стигна порака дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на земјава, со исполнување на соодветни услови.
Министерството за надворешни работи соопшти дека на средбата Османи – Захариева биле разгледани актуелностите поврзани со кризата од Ковид-19 и начините на кои двете земји остваруваат соработка во справувањето со овие предизивици, при што шефицата на бугарската дипломатија потврдила дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за земјава.
– Во продолжение на средбата се разговараше за Акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција меѓу двете влади, чии копретседавачи се токму министрите Османи и Захариева. Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка и приликата ја искористија и за размена на мислења и за други теми од заеднички интерес за двете страни, се додава во соопштението.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека за време на неформалната средба биле разгледани билатералните односи, европската перспектива на Република Македонија и предизвиците со кои се соочуваме за време на пандемијата Ковид-19.
Според бугарското МНР, Захариева на средбата ја потврдила принципиелната поддршка на Софија за европската интеграција на Македонија, со исполнување на соодветни услови.
– Двајцата министри ја разгледаа заедничката работа за исполнување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 година и разговараа за претстојното свикување на меѓувладината конференција, која ќе се одржи кога двете страни ќе го одобрат нацрт-протоколот. Бугарската страна посочи дека според Договорот од 2017 година, на идниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија треба да се направи целосен преглед на спроведувањето на Договорот, да се усвои годишен извештај за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и да се посочат конкретни идни активности за соработка, се додава во соопштението на бугарското МНР.
Во исто време, директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА), Томаш Стражај порача дека политичката поддршка на Словачка за почеток на преговори на земјава со Европската Унија е многу јасна и Братислава е посветена на таа поддршка,
– Јасната поддршка за почеток на преговори беше потврдена од страна на Словачка заедно со Република Чешка, на крајот од минатата година, на Самитот на ЕУ, каде што овие две земји одбија да се согласат со неправичните услови што ги наметнаа некои земји членки на ЕУ во однос на процесот на интеграција на Македонија во Унијата, рече Стражај на онлајн дебатата на Националната конвенција за ЕУ во Македонија „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“.
Тој потсети дека поддршката на Братислава беше потврдена и со неодамнешната посета на шефот на словачката дипломатија Иван Корчок на земјава и изрази надеж дека ќе бидат отстранети пречките за усвојување на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ и оти тоа ќе се случи за време на португалското претседателство, порачувајќи дека земјава треба да се посвети на реформите, посебно на борбата против корупцијата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.