Изгледа чудно, но е вистинито. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска била во право кога, парафразирано, изјави дека можеле да набават вакцини против корона вирусот уште порано, но како Влада не сакале со нив да бидат, всушност, тестирани македонските граѓани. Или, со други зборови, тие да бидат обични заморчиња, опитни глувчиња.
Само неколку месеци подоцна, пак, читаме дека македонските граѓани, сепак, ќе бидат заморчиња! И на тоа се согласил, ни повеќе, ни помалку, туку актуелниот министер за здравство, Венко Филипче! Да, ликот, кој власта и провладините медиуми го издигнаа на ниво на божество во едногодишната битка со пандемијата од корона вирусот. Наспроти непобитните факти дека Македонија е црна дупка и на Балканот, и во Европа, па и во светот, според бројот на починатите, заболените по број на жители, но по апсолутната неодговорност околу набавката на вакцините.
Да не беше италијанскиот весник „Ла верита“ можеби уште ќе живеевме во илузии дека власта, поточно министерот Филипче навистина води грижа за здравјето на македонските граѓани. Напротив! „Ла верита“ не само што го откри скандалот со набавката на кинеските вакцини „Синофарм“, туку на виделина го изнесе и фрапантниот податок дека министерот Филипче при потпишувањето на договорот се откажал од гаранциите за нивната безбедност, со што на коцка ги ставил и безбедноста и здравјето на македонските граѓани!!! Притоа, кршејќи и меѓународни конвенции!!!
По ова, што уште треба да се случи, па Филипче да одлучи конечно да си замине од неговата функција? За какви етички, морални и човечки вредности, а да не говориме за политички, станува збор кога нему не му е доволно со илјадници проценти да промаши во своите проценки за бројот на заболени и починати од корона пандемијата, да капитулира во набавката на вакцините, да си поигрува со здравјето, безбедноста и животите на граѓаните и, конечно, да се обиде и тоа дебело да прифитира со нивната набавка?
Минатата година, уште со избивањето на пандемијата, светските медиуми пишуваа дека во Кина за само еден месец биле регистрирани над 4.500 фирми за производство на заштитни маски. И по започнатиот увоз во одделни земји-членки на ЕУ, се јавија првите реакции за нивниот лош квалитет и Шпанија и Холандија одлучија да вратат цели пратки. За да не дозволи натамошна дискредитација, Кина одлучи целиот извоз на медицински и заштитен материјал да оди само преку МНР, со што ќе се гарантира и нивниот квалитет. Но, очигледно ова не го знаеле или не сакале да го знаат ни министерот Филипче, ни Владата, кои по се изгледа се воделе од сосема други интереси.
И цели три дена по избивањето на скандалот, зачудува целосниот молк и на Филипче и на Владата. Молк околу неколкуте клучни прашања.
Прво, кој стои зад фантомската фирма посредник „Stabri International” од Хонг Конг при набавката на кинеските вакцини, која била регистрирана само пет месеци по формирањето на владата од страна на СДСМ во 2017 година? Дали таа била искористена само сега или и претходно имала бизнис активности со Владата и со што биле поврзани тие? Колку, какви и чии пари користела таа? Колкав профит остварила?
Второ, каде, односно на чија сметка завршил вратениот аванс од 200.000 евра?
И трето, каде ќе завршеле парите од разликата во набавната и реалната цена на вакцините? Ако се отвори на интернет, на пример, може да се види дека реалната цена на вакцините „Синофарм“ е околу 30 долари. Владата објави дека ќе набави 200.000, што значи дека реалната вредност е околу 6.000.000 долари. Но, за истиот број вакцини, Владата најави дека ќе потроши околу 12 милиони евра, што е двојно повеќе од реалната вредност. Значи, обичната математика покажува дека директните учесници во целиот скандал требало меѓу себе да поделат цели 6 милиони евра државни пари или пари на граѓаните како македонски даночни обврзници! И тоа од само една зделка за набавка на кинеските вакцини. Може само да се претпостави колку пари ќе се потрошат ако и останатите потребни вакцини се набавуваат според шемата, што ја разоткри „Ла верита“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.