Уморен сум веќе од нарачани текстови и интригашења од луѓе кои ај што абер си немаат од работата, нè растурија и девалвираа по сите основи, освен за сликање и сплеткарање за друго не ги бива, и по некое евро на портали да тутнат и порачки да си прават, пишува градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој на својот профил на „Фејсбук“ реагираше на текст за неговата наводна вмешаност во експлоатација на песок во сепарацијата на Шупљи Камен.
Инспекторката Лидија нити сум ја видел ниту пак ја знам, ако мислите на Бобан да генерација ми беше и ако погрешил нека одговара, но дефинитивно општината нема никаква врска ниту пак надлежност во делот на експлоатација на песок.
Освен што знам и со мои очи сум видел дека реката Пчиња на таа локација поради енормен ископ е претворена во Дунав, а на други места во моментов личи на поток, знам и дека концесијата експресно се даде од страна на Водостопанство и управниот одбор на фирма која секојдневно експлоатира песок во огромни количини, пишува Димитриевски.
Тој додава дека до него пристигнале голем број на поплаки од граѓани и правни лица, но за жал без надлежност секогаш беа препратени во МВР и Водостопанство.
Мене бизнисот не ме интересира, тоа е надлежност на државата, но дефинитивно БАРАМ ОДГОВОРНОСТ за несреќниот случај во кој минатата недела едно момче го изгуби својот живот токму на таа локација каде што се врши неконтролиран ископ на песок или како што поединци велат уредување на речното корито.
За „Телма“ дадов објективна изјава зад која што стојам до последен збор, тоа што надлежните молчат е дополнителен простор за шпекулации.
Дно дна сте поединци, јас за ова ниту се борев ниту пак режим рушев, вие да грабате на сите страни и воедно да се правите Орлеанки, а преку платени текстови да жигосувате други, направивте конгломерат на безрбетници кој многу брзо заедно со истомислениците ќе го скршам и демонтирам во корен.
Нема сегмент од живеењето во кој што не пуштивте корен, епа ДОСТА БЕШЕ!
Искрено немам време за вашите интриги и сценарија, имам и премногу работа во Куманово со битни работи кои не засегаат сите.
Да не заборавам да прашам, оваа е локацијата каде што се вади песокот, чив е багеров? Дали е на Водостопанство и ако е, што бара тука? прашува Максим Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.