Од понеделник во Собранието треба да почне расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА вели дека е важно тој да биде донесен во законски предвидениот рок, бидејќи со него се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.

Значајно е да подвлечам дека преку Буџетот се обезбедува и навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, се обезбедува реализација на капитални инвестиции, коишто за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит. На тој начин се почитува златното правило во јавните финансии, односно планирани се повеќе средства за финансирање на инвестициските проекти, од предвиденото задолжување, вели Бесими.

Според него, Предлог-буџетот по сите карактеристики е развоен што се гледа и преку проектираниот историски највисокиот износ на капитални инвестиции во вкупните расходи од 14 проценти. Уште позначајно, според Бесими, е што тие се проектирани на износ кој е повисок од буџетскиот дефицит, односно буџетскиот дефицит е проектиран да изнесува 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од планираниот БДП, додека капиталните расходи се проектирани на износ од 37,8 милијарди денари или 4,9 проценти од БДП.

Тоа значи дека во 2022 година ќе се позајмува само за реализација на инвестициски проекти, вели Бесими.

Тој тврди дека главен ќе биде принципот „value for money“ што значи дека парите на граѓаните ќе се користат онаму каде што ќе има најголеми ефекти за остварување на целите за повисок квалитет на животот.

Согласно проекциите, вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијари денари или 4,3 проценти од БДП, а стапката на инфлација на 2,4 проценти.

Бесими посочува дека и во услови на криза и во година кога требало да се отплати 500 милиони евра еврообврзница издадена од 2014 година, намален е јавниот долг на 59,3 проценти заклучно со третиот квартал.

Ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемија. Како Министерството за финансии цврсто стоиме на заложбата за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60 проценти од БДП, вели министерот за финансии.

Капиталните расходи во Предлог-буџетот за 2022 година се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната, железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.