Со едноставно покажување на хартиениот сертификат за вакцинација и документ за лична идентификација, а не со скенирање преку специјалната грчка апликација, во Грција ќе се проверуваат потврдите издадени од трети земји, соопштија од Генералниот секретаријат за трговија и заштита на потрошувачите при Министерството за развој и инвестиции на Грција.
Станува збор за неевропски сертификати, односно за сертификати од земји што не се членки на Европската Унија, а апликацијата што се користи во Грција, едноставно не ги препознава.
Поради тоа, државјани на трети земји, меѓу кои и туристи од Македонија, но и од Србија, се соочија со проблеми и иако со валиден сертификат не можеа да влезат во продавници, кафулиња и ресторани, со оглед на тоа што со воведувањето на новите мерки од саботата, за влез речиси во сите објекти во Грција е потребен документ за Ковид-19 што се скенира преку специјалната апликација.
Откако вчера, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, објасни дека независно од тоа што апликацијата не ги препознава, сертификатите се валидни и со нив се овозможува влез онаму каде што е неопходен сертификатот, денеска со соопштение излезе и надлежниот Секретаријатот за трговија и заштита на потрошувачите.
Од Секретаријатот ги информираат, како потрошувачите така и угостителските и малопродажните компании и местата за забава и им укажуваат дека „влез и услужување на странски клиенти кои поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за неодамна прележана болест од земја вон Европската Унија, е дозволен со едноставно покажување на хартиениот сертификат и на документ за лична идентификација (пасош), без да биде потребно контрола со специјалната апликација „Covid Free GR”.
За влез во речиси сите затворени простори во Грција, како што се молови, продавниците, но и отворените и затворените делови на кафулињата, рестораните, таверните и сл, од саботата, задолжителен е документ за Ковид-19, чија проверка се врши заедно со документ за лична идентификација.
Исклучок се супермаркетите и продавниците за храна, бензинските пумпи, аптеките и црквите.
По соодветните официјални појаснувања, државјаните на Македонија кои во Грција имаат намера да посетат некој од објектите во кои се бара Ковид документ, потребно е да го имаат сертификатот за вакцинација или потврдата за прележана болест во печатена верзија заедно со пасошот.
Дополнителна опција е да го симнат европскиот сертификат, кој со оглед на тоа што е по ЕУ стандардите, го препознава грчката апликација.
Без разлика која опција ќе ја одберат, неопходен е и документ за лична идентификација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.