Според бугарските медиумите, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева од вечерва е во Берлин на средби со германски и македонски претставници околу спорот со Македонија. Во главниот град на Германија се и министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.
Како што јавува бугарската агенција БНЕС, Захариева заминала во Берлин на „дискретна средба“. Од бугарското МНР ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата.
Според агенцијата, од Захариева се бара да ги претстави условите под кои Софија би прифатила Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Германија во моментов е претседавач со ЕУ и германските дипломати веќе извесно време се обидуваат да посредуваат во спорот кој се заканува да прерасне во вето за македонските евроинтеграции.
Бугарските медиуми најавуваат дека од Захариева се очекува да ја претстави „тврдата позиција на Софија“, подвлекувајќи дека останува уште многу малку време за компромис.
Германските дипломати, во изминатите недели, во неколку наврати потенцираа дека билатералните прашања не треба да имаат место во ЕУ и бараат од Софија и Скопје проблемот да го решат меѓусебе.
Викендов, во интервју за агенцијата Ројтерс, Захариева ги образложи позициите на Софија заканувајќи се со вето во ЕУ доколку не се најде решение.
Не спориме со нивното право на самоопределување, ниту со правото да си го нарекуваат јазикот како сакаат. Подготвени сме уште еднаш да ги потврдиме актуелните реалности, но тие мора да ја прифатат историска вистина – изјави бугарската министерка.
Таа отворено кажа дека Софија очекува од Скопје да ги признае „историските бугарски корени“ на македонскиот јазик и идентитет.
Таа додаде дека доколку Скопје се согласи,Бугарија е подготвена да ги признае македонскиот „како еден од официјалните јазици во Македонија“ и да го прифати македонскиот идентитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.