За нас не постои друга алтернатива, освен ЕУ иднината, сакаме да ги европеизираме нашите земји, Скопје, Приштина, Белград, Тирана, Подгорица и Сараево, сите ние сакаме во внатрешноста да ги почувствуваме придобивките, рече претседателот на Владата н Зоран Заев за време на неговото учество на конференцијата на „Економист“ и додаде дека „ние сме како остров опколен од ЕУ земји и потребна е унификација на Унијата“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во рамките на „25-та тркалезна маса со грчката Влада“ што оваа година е на тема: „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“, премиерот Заев, утрово учествуваше на панел дискусија за зајакнување на соработката и солидарноста во Југоисточна Европа, за проширувањето на ЕУ, за трговијата и инвестициите како и за иницијативите за мир и подобро разбирање

Премиерот Заев во неговото обраќање ја истакна важноста на регионалната и економската соработка, особено за време на пандемијата и предностите и придобивките кога земјите работат заедно, ги истакна можностите што нашата земја ги нуди за инвестиции, а се задржа и на договорот што денеска ќе се потпише меѓу двете земји за интерконекторот за природен гас.

-Тоа е многу голем проект, околу 100 милиони евра. 54 милиони евра се во Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност, не само за Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас, објасни Заев и истакна дека нашата земја „станува енергетски коридор за земјите од Западен Балкан“.

За европската перспектива, објасни дека \ Македонија 16 и пол години е земја кандидат за членство, Договорот за стабилизација и асоцијација беше потпишан по Словенија и пред Хрватска и истакна дека нема простор за фрустрација, но и нема алтернатива за регионот.

-Од Европската Унија, 12 пати имаме потврда дека 100 отсто ги исполнуваме критериумите што се неопходни за интеграција во ЕУ, истакна Заев и додаде дека за одредени реформи, како што се во судството, сме подобри од некои земји од Унијата.

Премиерот истакна дека Македонија, но и другите земји од регионот ја следат европската агенда, како околу климатските промени, така и зелената енергија и изрази задоволство за инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан во висина од девет милијарди евра



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.