Грција во петокот објави дека ја завршила изградбата на уште 40 километри ограда на границата со Турција и дека со работа е започнат нов систем за надзор, поради загриженоста дека падот на Авганистан во рацете на талибанците ќе предизвика нов мигрантски бран кон Европа.

Авганистанската криза создава можност за мигрантски бран. Не можеме пасивно да чекаме потенцијален удар, рече грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис по посетата на северниот пограничен регион Еврос.

Хрисохоидис рече дека ново проширување на оградата, на постојните 12,5 километри, е изградено во последните денови, кога беше воспоставен и високотехнолошки систем за автоматско набудување.

Владата најави дека ќе ја продолжи должината на оградата , откако минатата година десетици илјади баратели на азил се обидоа да преминат во Грција од Турција, особено што Анкара објави дека нема да ги спречува мигрантите да ја преминат границата.

Грција и Турција, сојузници во НАТО, но и историски ривали, долго дебатираа за низа прашања, од територијални претензии на источниот Медитеран до бродовите со мигранти. Грција ја заостри мигрантската политика во последните месеци, оградувајќи мигрантски кампови и објави тендери на ЕУ за изградба на два затворени објекти на островите Самос и Лезбос.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.