Во обраќање до граѓаните на Србија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги коментираше последните најави од Европската Унија, дека дозволи за патување во Унијата ќе има само за тие граѓани што ќе се вакцинираат со некоја од вакцините одобрени од Евроспката агенција за лекови (ЕМА), меѓу кои не се руската „Спутник“ и кинеската вакцина од „Синофарм“.

Би било неразумно, но ако ја донесат, тоа ќе биде одлично за нас. Како ќе го забранат доаѓањето на унгарскиот премиер кој беше вакциниран со кинеска вакцина? Сега кога слушнав, и јас ќе забрзам да се вакцинирам со кинеската вакцина, а потоа ако не ме прифатат во Брисел, нема ништо од дијалогот со Приштина – изјави Вучиќ.

Според српскиот претседател, најавата на ЕУ за воведување на ковид пасоши со одобрени вакцини од ЕУ е лоша и скандалозна одлука, спротивна на највисоките европски вредности.

Вучиќ наведе дека во тој случај, Србија ќе направи лабораторија за брзи ПЦР тестови и дека ќе ги издава резултатите за два часа, така што луѓето што примиле кинеска вакцина „ќе може да одат каде сакаат во Европа“.

Ние од Европа не добивме ниту една вакцина, што значи дека никој од Србија и целиот регион нема да има право да патува во ЕУ – потенцира Вучиќ.

Тој оцени дека не треба да се мери според бојата на знамето дали ви се допаѓа вакцината.

Сакам да верувам дека никој во Европа сериозно не размислува за таа одлука. Ако ја донесат, ќе ја разбереме нивната порака и што мислат за нас и за нашиот регион – заклучи Вучиќ.

Предлогот за воведување на таканаречени „ковид-пасоши“ за слободно движење во рамките на ЕУ, што ќе биде предложен на 17 март, ќе важи само за вакцинирање со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Ова е затоа што неодобрените вакцини нема да бидат опфатени со клаузулата за одговорност и контрола на квалитетот на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.