Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази загриженост поради снабдувањето со вакцини против Ковид-19.

Тој за ТВ Прва истакна дека разговарал со светските пријатели за набавка на нови количества вакцини.

Денес е потешко да се набави вакцина, отколку нуклеарно оружје – изјави српскиот претседател.

Вучиќ очекува денеска да бидат вакцинирани 50.000 луѓе. Се прават списоци по кои оди вакцинирањето.

Во светот сме деветти, но мислам дека можеме да бидеме дури и шести во следните три дена – нагласи Вучиќ.

Според него, Србија водела паметна и одговорна политика по прашањето за пандемијата на коронавирусот, додавајќи дека „во спротивно ќе се загубеле илјадници животи“.

Вучиќ додаде дека Србија преку програмата КОВАКС добила нула вакцини, како и сите земји во регионот, бидејќи постои проблем во дистрибуцијата на вакцини во земјите од ЕУ токму преку таа програма.

Добивме нула вакцини и веројатно ќе добиеме еден ден нешто. А без програмата КОВАКС набавивме 1.500.000 вакцини и ќе обезбедиме уште – нагласи српскиот претседател за ТВ Прва



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.