Вечерва, во Белград беше откриен грандиозен споменик на српскиот средновековен владетел Стефан Немања. На настанот присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

На насобраните луѓе им се обратија и Вучиќ и Додик. Српскиот претседател рече: „Се трудевме да ја обновиме Србија, но и да ја вратиме вербата во себе“.

„Местото на кое стојам некогаш беше срам за сите, а вечерва сум среќен затоа што тука каде што стојам, на улицата Немањина, се наоѓа храмот на свети Сава. Успеавме да го осликаме, а така ќе го обновиме и Хиландар и цела Србија. Успеавме економски да ја обновиме земјата и национално да ја воздигнеме“, рече Вучиќ додавајќи дека во власта се прашувале дали 23-те метри колку што е висок споменикот се доволни за да ја одразат големината на Стефан Немања и неговото значење за српскиот народ.

„До него ние бевме племе. Ова не е само чин на откривање на таткото и творецот на државата, ова е еден вид чин на грижа за нас и нашиот идентитет. Да застанеме тука пред големиот Стефан Немања, значи еден вид покајание за сите години што ги заборавивме“, истакна Вучиќ.

Овој споменик, вели тој, е одличен затоа што приказната за нас е одлична.

И овој споменик е одличен, бидејќи приказната за нас е одлична. И овој споменик е тежок, бидејќи приказната за нас честопати беше тешка. И тоа е прекрасно, убаво како што е приказната за нас. Овој споменик е, затоа, пред сè, приказна за нас. За тоа кои бевме, каде бевме, што направивме и најмногу за тоа што сме денес и што сакаме да бидеме“, истакна Вучиќ на свеченото откривање.

Наспроти одобрувањето кај мнозинството граѓани, што го покажаа анкетите, повеќе познати српски интелектуалци зазедоа став дека споменикот е непотребен и предимензиониран кич-проект, кој на српските граѓани им нуди популизам и бегство во минатото, во време кога државата се соочува со повеќе тешки последици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.