Српскиот претседател Александар Вучиќ попладнево и официјално ја најави изградбата на пругата со висока брзина која треба да го поврзе Белград со Македонија, но и со Турција, јави дописничката на МИА од Брисел.

На овој проект кусо алудираше утринава претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во твит.

Попладнево претседателот Вучиќ понуди повеќе детали за железничката линија.

Многу сум благодарен на претседателката Фон дер Лајен, се плашев до сега да зборувам за ова, но сега имаме поддршка : ќе градиме пруга со висока брзина што ќе ги поврзе Белград со Ниш, и потоа Лесковац, Табановце до Македонија, ова ќе ги смени целосно работите, ќе создаде можности за луѓето и подобар превоз, изјави Вучиќ, објаснувајќи дека проектот ќе ја подобри поврзаноста на регионот од Виена па се до Истанбул, Атина и Софија.

Српскиот претседател рече дека „не може да ја сокрие“ својата радост што го соопштува овој нов проект кој, според него ќе ги зголеми странските директни инвестиции во регионот за наредните десет години.

За изградбата на оваа пруга Вучиќ рече дека ќе може да смета на грантови од ЕУ во износ што ќе може да достигне 35 отсто најмалку, бидејќи проектот ќе се вклопи во Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.