Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека против вакцината на „АстраЗенека“ се води медиумска војна само затоа што таа вакцина е евтина.

Тоа што го набавувавме по 12, 13 и 14 долари, сега е 20. Вакцината на „АстраЗенека“ е евтина, бидејќи Оксфорд ја правеше за да ја подели со човештвото и чини пет долари. А, се работи за милијарди дози. И затоа сега се водат медиумски војни и зборуваат дека тоа е лоша вакцина, а таа остава добри антитела – изјави Вучиќ за време на посетата на институтот „Торлак“ во Белград, каде што ќе се произведува руската вакцина „Спутник“.

Вучиќ ги критикува и контрадикторните одлуки на неколку европски земји за ограничување на употребата на вакцината на „АстраЗенека“.

Германија прво донесе одлука дека не може да примаат вакцина „АстраЗенека“ постари од 65 години, а сега дека не можат помлади од 60 години. Замислете ние да носевме такви контрадикторни одлуки, па ќе нè обесеа тука на оџаков – изјави српскиот претседател.

Вучиќ додаде дека досега во Србија се вакцинирани 1,8 милиони граѓани, а 1,2 милиони ги примиле и двете дози.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.