Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при обиколката на работите на ревитализација на блокот Б на термоцентралата „Никола Тесла Б” (ТЕНТ) во Обреновац изјави дека од моментот кога на „25 или 26 ноември таа ќе се приклучи на мрежата”, нема да има повеќе проблеми со струјата и дека тоа е „спас за Србија”, јави дописникот на МИА од Белград.

-Оттогаш ќе немаме повеќе проблеми со струјата, истакна Вучиќ и додаде дека Србија нема да мора да увезува струја по високи цени, а дел да го компензира со увоз на гас.

Тој посочи дека доколку на 25 ноември во Москва успешно ги заврши разговорите со рускиот претседател Владимир Путин за увоз на гас, енергетската иднина на Србија ќе биде обезбедена.

Вучиќ напомена дека соседните земји на Србија имаат проблеми со струјата и дека, на пример, Македонија сега зема лигнит од Косово, како и дека Црна Гора и Албанија увезуваат околу 50 отсто од струјата.

Тој кажа дека Србија ќе гледа да им помогне на соседите, но само кога самата ќе има доволно и кога ќе изгради нови капацитети.

Вучиќ изјави дека допрва треба да се донесе одлука дали Србија ќе учествува во изградба на нуклеарни централи во околните земји или сама ќе прави модуларни нуклеарни централи (мали модуларни нуклеарни реактори).

-Ние 68 отсто од електричната енергија ја добиваме од јаглен и треба да работиме на создавање нови капацитети од обновливи извори, но ќе треба да направиме и базни капацитети. Ќе видиме за што ќе одлучиме во годините што следат – дали да учествуваме во нуклеарни централи во околните земји или самите ќе можеме да ги направиме тие модуларни нуклеараки, кажа Вучиќ.

Тој наведе дека во неодамнешниот разговор со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, за нуклеарната централа што таа земја ќе ја изгради, кажал дека Србија сака да биде сопственик на 15 отсто од таа нуклеарна централа.

Тој додаде дека на таа тема првични разговори имал и со поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, во врска со бугарската нуклеарна централа во Белене, која била најсигурна варијанта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.