Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека не ја разбира идејата за воведување забрана за работа во недела. Тој посочи дека Србија треба да го искористи тоа што нејзината економија се зајакнува побрзо од другите во овој момент и да не запира.

Не знам чија идеја е тоа. Видов дека Црна Гора и Хрватска го усвоија тоа. Јас сум против. Секој човек би сакал да има загарантирано слободно време. Но, ако можеш ти, немој да ме тераш мене, јас сакам да работам – истакна тој.

Вучиќ додаде дека забраната за работа во недела во Црна Гора и во Хрватска не се покажала како добра мерка.

Сега кога имаме раст на економијата, треба да го поттикнуваме, да се фалиме дека работиме повеќе, а не помалку. Знам дека никој не сака да го слушне тоа, но тоа е вистина – рече тој.

На констатацијата дека на граѓаните не би им се допаднало маркетите да не работат во недела, Вучиќ рече дека постојат и поважни претпријатија за економијата што треба да работат.

Се знае како се плаќа работата во недела. Немојте да спречувате да се работи во недела – порача тој.

Вучиќ рече и дека потоа ќе почне да се бара да не се работи ни во петок, да не се работи од 7 до 16, потоа од 9 до 17 и така натаму.

Најдобро да не работиме ништо, а платите да бидат високи. Не мислам дека е реално и никогаш не сум сакал да го мамам народот, такви одлуки не треба да носиме – рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.