Во Црна Гора се воведува полициски час, односно ќе се забрани напуштање на домовите од 21 до 5 часот наутро.

Покрај тоа, ќе се прекине и меѓуградскиот сообраќај за време на викендите, објави директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ, а пренесува порталот „Блиц“.

Угостителските објекти, според новите мерки на црногорското Министерство за здравство, ќе бидат отворени до 18 часот.

Како што истакнал Галиќ, специјални мерки ќе бидат воведени во општините Будва и Тиват поради посложената епидемиолошка состојба, јави Радио-телевизија Црна Гора.

Во Будва и Тиват се забрануваат јавни собири на отворено и затворено, забранета е работа на угостителските објекти и компаниите кои се занимаваат со продажба на непрехранбени производи, а дозволена е работа на службите кои обезбедуваат услуги од јавен интерес.

Во овие општини, рече Галиќ, работата во образовните институции – градинки, училишта и факултети е прекината и се преминува на онлајн настава.

Црна Гора, втора недела по ред, бележи најголем број новозаразени на 100.000 жители, меѓу 45 европски земји.

„Пополнетоста на болничките капацитети со ковид-пациенти е 67 отсто“, рече министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ, чија оставка ја бара црногорската опозиција поради одложената вакцинација и нејзиното одбивање на донациите од неколку илјади дози вакцини што ги нудат бизнисмени блиски до претседателот Мило Ѓукановиќ.

Министерката пак вели дека претходната влада е виновна за доцнењето на вакцинацините затоа што кон средината на минатата година, кога другите земји се договатале, не направила ништо за навремено да донесе вакцини во Црна Гора.

Таа најави дека првите руски вакцини се очекува да пристигнат наскоро, но без да прецизира одреден датум.

Таа беше прва земја во Европа без активен случај на коронавирус, по што Владата на 2 јуни прогласи крај на епидемијата и ги отвори границите за странските туристи. Сепак, откако во средина на јуни беше регистриран прв нов случај на зараза, бројката секојдневно се зголемува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.